Тивок глас под урнатините во Колумбија им помогнал да спасат тримесечно бебе со неговиот татко

Тивок шепот од под урнатините бил доволен за спасувачите да сфатат дека таму сè уште има преживеани.

По разорниот земјотрес со магнитуда од 7,4 степени што ја погоди Колумбија, спасувачите во Кали успеале да го пронајдат тримесечниот Саломон и неговиот татко Хуан Давид Гомез, заробени под урнатините на комплексот „Торес дел Лимонар“.

Брајан Осорио Зулуага бил на работа кога земјотресот ја погодил Кали, Колумбија. Се качил на моторот и тргнал кон дома, но застанал кога видел дека петкатниот станбен комплекс „Ла Торе дел Лимонар“ се урнал. Се приближил до урнатините и почнал да довикува. Потоа ги замолил луѓето околу него да замолчат. Тогаш слушнал нешто едвај чујно.

„Да, тука сум. Со бебе сум“, одговорил машки глас од под урнатините.

Осорио веднаш почнал да расчистува. Уште седум луѓе се приклучиле во обидот да стигнат до човекот и бебето, но патот им го блокирала огромна бетонска плоча. Саломон бил пронајден жив. Бебето немало скршеници, но имало неколку гребнатини и полесна повреда на главата. Неговиот татко бил повреден и по спасувањето бил опериран.

Но семејството сè уште чека најважната вест. Под урнатините останала 29-годишната Валентина Ванегас Галиано, мајката на бебето, заедно со нејзиниот помлад брат Хуан Естебан.

Засега нема потврдена информација каде точно се наоѓаат, ниту сигнал кој би потврдил дека се живи. Според информациите што ги дал Хуан Давид, Валентина би можела да се наоѓа неколку метри подалеку од него, поблиску до влезот на комплексот. Спасувачките екипи ја користат оваа информација заедно со техничките анализи на урнатата конструкција.

Во првите 12 часа по земјотресот, од комплексот биле спасени повеќе од 20 луѓе. Оттогаш спасувачите пронашле уште преживеани, меѓу нив и куче. Во Кали, екипите продолжуваат да работат меѓу тони бетон и метал, внимателно слушајќи за секој звук што може да дојде од под урнатините.

Пријателката на Валентина, Алехандра Монтоја, пристигнала во Кали веднаш штом дознала што се случило. Таа и Валентина живееле и работеле заедно, а нивни пријатели, архитекти, инженери и градежни работници сега се приклучиле на потрагата.