Тивката завист: кога го споредуваме својот пат со туѓиот успех

Тоа не е гласна завист. Не е злоба. Не е желба другите да не успеат.

Photo by Pixabay

Тоа е тивка, често непријатна сенка што се појавува во мигови кога не сме сигурни во себе. Кога гледаме нечиј успех, нечиј напредок, нечиј мир – и во нас се појавува едно прашање што не го изговараме гласно: „А што е со мене?“

Тивката завист не значи дека не сакаме добро на другите. Таа најчесто е глас на сопствената болка, на дел од нас што се чувствува заглавено, недоволно, или како да доцни. Таа е реакција на свет што постојано нè учи да мериме, споредуваме, и се вреднуваме преку надворешни рамки – дипломи, кариери, патувања, љубовни приказни. И колку и да сме благодарни, колку и да се трудиме да бидеме „издигнати“, не сме имунизирани на овие чувства.

Важно е да ја признаеме оваа тивка сенка без срам. Таа не нè прави лоши луѓе. Напротив – нејзиното постоење значи дека нешто во нас копнее. Дека сакаме повеќе, поинаку, поблиску до вистинското. Токму во тоа копнеење може да најдеме патоказ – наместо да ја потиснеме, да ја прашаме: „Што ми покажуваш што ми недостасува?“

Кога ќе го споредиме својот пат со туѓ, забораваме едно клучно нешто: сите имаме различен тајминг. Некој ќе цвета на 22, некој на 42. Некој ќе живее брзо, гласно и јавно, а некој длабоко, тивко и значајно – далеку од очите, но блиску до срцето. Животот не е трка. И не се мери само по видливото.

Следниот пат кога ќе почувствуваш дека некој „оди побрзо“ или „живее подобро“, потсети се: не гледаш цела приказна. И уште поважно – твојата приказна е вредна, дури и кога моментално изгледа несредено, забавено, или незабележано.