Тивката трагедија која ги погодува нашите деца и што да правиме по тоа прашање...

„Сакам да го поттикнам секој родител кој се грижи за иднината на своите деца да ја прочита оваа објава. Знам дека многумина не сакаат да го слушнат она што имам да го кажам во овој текст, но на вашите деца им е потребно да ја чујат таа порака. Во нашите домови токму сега се развива тивка трагедија, а се однесува на нашите најважни суштества во нашите животи – нашите деца. Дури и ако не се сложувате со мојата перспектива, ве молам да ги следите препораките кои се напишани на крајот на овој текст. Кога ќе ги видите позитивните промени во животот на вашите деца, ќе ви стане јасно за што всушност зборувам.“ Со овие зборови, психологот Викторија Прудеј започна една многу сериозна тема која денес е навистина присутна во семејствата ширум светот.

Викторија работела со стотина деца и нивните семејства и дошла до заклучокот дека денешните деца се во поразувачки лоша емотивна состојба. Таа истакнува дека родителите треба да зборуваат со наставниците и професионалците кои работеле на ова поле во последните 15 години за да се уверат дека и тие ја споделуваат нејзината загриженост. Во последните 15 години, истражувачите објавиле алармантни статистики за ненадејниот и постојан пораст на ментални заболувања кај децата кои денес достигнуваат размери на епидемија:

  • 1 од 5 деца има проблем со ментално здравје

  • Има зголемување на пореметувања поврзани со намалена концентрација за 43%

  • Раст на депресија кај тинејџери за 37%

  • 200% пораст на стапката на самоубиства кај децата од 10 до 14 години.

Имајќи ги овие работи предвид, Викторија се прашува уште колку докази се потребни за родителите да се разбудат?

Не, „статистиката сама по себе е зголемена“ не е одговор.
Не, „тие едноставно така се родиле“ не е одговор!
Не, „за сѐ е виновен образовниот систем“ не е одговор!
Да, колку и да е тешко да се признае, родителите се одговор за голем дел од борбите на децата!
Да, секогаш имало и ќе има деца кои се родени со одредени заболувања, а и покрај заложбите на родителите, нивните деца и натаму се борат. Но, тоа не се децата за кои Викторија пишува во овој текст. Тука станува збор за многу поголем број на дечиња, чии предизвици се обликувани од фактори поврзани со животната средина, која родителите со најдобри намери им ја создаваат на своите деца. Во својата пракса, Викторија забележила дека децата се менуваат во моментот кога родителите ја менуваат својата перспектива за родителството.

Каде лежи грешката?

Во денешно време, децата се лишени од основата на здравото детство, како:

  • Емотивно достапни родители

  • Јасно дефинирани ограничувања и водство

  • Одговорности

  • Избалансирана исхрана и добар сон

  • Движење и активности на отворено

  • Креативни игри, друштвена интеракција, можности за неструктуирано време и досада

Наместо тоа, децата имаат:

  • Родители чие внимание е одвлечено од дигитални уреди

  • Попустливи родители кои им дозволуваат на децата да „владеат со светот“

  • Чувство дека тие имаат право на нешто, наместо на одговорност

  • Неадекватен сон и неизбалансирана исхрана

  • Живот сведен на седење на стол во затворен простор

  • Бескрајни стимулации, постојано користење технологија, инстант задоволство и отсуство на досадни моменти.

Викторија вели: „Дали некој можел да замисли дека е возможно да се воспитува здрава генерација во ваква нездрава животна средина? Секако дека НЕ! За родителството не постојан пречки и не можеме да ја излажеме човековата природа. Како што можеме да видиме, резултатите се поразувачки. Нашите деца се емотивно оштетени поради загубата на добро балансирано детство. Како да го поправиме тоа? Ако сакаме децата да ни пораснат во среќни и здрави луѓе, тогаш мораме да се разбудиме и да им се вратиме на основите. Тоа сѐ уште е возможно. Тоа го знам затоа што стотици и стотици клиенти за само неколку седмици виделе позитивни промени во емотивната состојба на своите деца преку следење на овие препораки. Поставите ограничувања и не заборавајте дека вие сте му родител на своето дете, а не другарче од градинка. 

Поентата на овој текст е да им понудите добро избалансиран стил на животт на вашите деца, живот исполнет со она што им треба, а не она што го сакаат. Еве дел од препораките:

  • Не се плашете да им кажете НЕ! 

  • Обезбедете им квалитетна храна и ограничете им ги грицките

  • Поминувајте еден час во природа: возете велосипед, пешачете...

  • Секој ден вечерајте заедно и не ги ставајте телефоните на маса.

  • Еднаш дневно играјте некоја друштвена игра

  • На вашето дете еднаш дневно давајте му некоја задача

  • Создадете рутина на спиење за да бидете сигурни дека доволно спие. Во собата не смее да има технолошки уреди.

Научете ги вашите деца на одговорност и независност. Немојте премногу да ги штитите од мали неуспеси, затоа што тие им се потребни за да развијат вештини кои ќе им бидат потребни да совладаат поголеми предизвици во животот. Учете ги на вештини, не ги правете работите наместо нив. Учете ги на одложено задоволство и дајте им шанса да се досадуваат, затоа што тоа е време кога се буди креативноста: 

  • Немојте да мислите дека вие сте одговорни да го забавувате своето дете

  • Не ја користете технологијата како лек за досада

  • Избегнувајте да користите технолошки уреди за време на доручекот, ручекот и вечерата, во автомобилот, ресторани и трговски центри. Тие моменти користете ги како можности да ги истренирате нивните мозочиња за да функционираат и кога им е „досадно.“

Бидете емотивно достапни за да се поврзете со своите деца:

  • За телефоните да не ви го одвлекуваат вниманието, исклучете ги сѐ додека децата не отидат на спиење.

  • Бидете емотивен тренер на своите деца. Научете ги да препознаваат различни емоции и како да се носат со нив.

  • Научете ги да се поздравуваат, споделуваат, сочувствуваат, научете ги на бон-тон, вештини на разговарање, итн.

  • Поврзете се емотивно: смејте се, гушкајте се, љубете се, читајте, танцувајте, скокајте заедно со вашето дете.

Викторија вели: „Мораме да внесеме промени во животите на нашите дечиња пред цела генерација деца  да заврши на лекови! Сѐ уште не е доцна, но наскоро ќе биде!