Тимот ФК „Карпошово“ составен од македонските фудбалери со Даунов синдром освои прво место на Балканското првенство

Фудбалскиот тим ФК „Карпошово“, составен од спортисти со Даунов синдром и лесна интелектуална попреченост, оствари голем успех, освојувајќи го првото место на Балканското првенство во фудбал за спортисти со Даунов синдром и интелектуална попреченост, кое се одржа од 2 до 4 октомври во Софија, Бугарија.

Преку проектот „Фудбал за сите деца“, на децата и младите со интелектуална попреченост им се овозможува да бидат дел од фудбалските активности, да ги унапредуваат своите вештини и да учествуваат во спортската заедница под еднакви услови.

Работата на ФК „Карпошово“ се реализира со поддршка на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и Фондацијата на УЕФА за деца.

Освоеното прво место во Софија е значаен успех за фудбалерите на „Карпошово“ и уште една потврда дека со посветеност, тимска работа и соодветна поддршка можат да се постигнат големи резултати.