Ти си она што „хејташ“!

Пред неколку милениуми, во желбата да се стоплиме, сме успеале да го откриеме оганот. Прво сме се грееле, а потоа сме почнале намерно да започнуваме пожари. Додека уплашени од смртта сме се обидеме да го пронајдеме напитокот на бесмртноста, случајно сме го откриле барутот. Бесмртноста не ја најдовме, но со барутот почнавме намерно да сееме смрт. Кога со науката сме почнале да трагаме по одговорите кои се однесуваат на светот во кој живееме, случајно ги откривме атомите. Прво почнавме да ги учиме нивните составни делови, а потоа почнавме намерно да ги разделуваме и да правиме атомски бомби. 

Со социјалните мрежи се случува слична работа. Пред неколку години, мала група студенти во желбата полесно да споделува слики, сосема случајно направила нешто што им овозможила полесна комуникација и поврзаност. Тоа нешто го нарекле Фејсбук. Денес, кога таа бенигна идеја мутираше во планетарен монструм, ние почнавме да го користиме тој Фејсбук за намерна агресивна комуникација, навреди и насилство на интернет.

Што е тоа што те тера да го напаѓаш она што не го разбираш? Зошто го осудуваш она што не го разбираш наместо да се обидеш прво да го разбереш и сфатиш? Зарем толку е тешко да се најде разбирање? Што е тоа во човекот што го тера да се приклони кон осудување наместо разбирање?

Омразата. 

Кога ќе се фатиш себеси како зборувгаш лошо за другите зад нивен грб или по социјални мрежи, тоа лошо што го набројуваш и забележуваш – тоа живее во тебе. Не во нив. Интересно, зар не? Омразата не е импулс кој придвижува, туку паразит кој јаде. Омразата е муниција со која оние кои ја носат всушност пукаат во себе. Ти, со сопствените зборови, со кои мислиш дека зборуваш за другите, всушност ги оживуваш сите лоши работи во себе и ги пренесуваш во реалноста во која се наоѓаш. Додека го повикуваш сето лошо кое го збориш за другите во својот живот, другите се на некое друго место, доволно далеку да не можат да те чујат и најверојатно ги живеат своите животи без воопшто да знаат што зборуваш за нив. 

Ти си она што јадеш, читаш, слушаш и гледаш. Ти си твоите пријатели и луѓето што ги сакаш. Со кого си – таков си. Ти си она што чувствуваш, она што правиш и говориш. А најмногу она што мислиш. Какви ти се мислите – таков ти е животот. Ти си резултат на своите избори. А само од тебе зависи дали ќе бидеш жртва или ремек-дело на сопствените избори. 

Затоа, чоеку, наместо да ја проливаш цела таа горчина која понекогаш можеби и несвесно ја исфрлаш преку тастатура, оди и сакај некого и нешто. Гризни си го јазикот секојпат кога сакаш да шириш омраза или зло.

Пред да почнеш да „хејташ“ нешто по интернетот, нешто со кое не се слагаш, оди провери дали тој ден си им пружил доволно внимание на оние кои ги сакаш. Дали си има кажал на луѓето во твојот живот дека ги сакаш, дали си правел работи кои ги сакаш и дали си го набројал сето она во кое уживаш? Дали?

 

  • Блогдан