Тевдовски заминал во ММФ, Ангеловска се враќа на бизнисот

Драган Тевдовски поранешниот министер за финансии ќе работи во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон. Според информациите тој веќе е таму. 

Тевдовски е професор на Економскиот факултет во Скопје. 

Тој беше сменет од позицијата министер за финансии кога премиерот Зоран Заев најавуваше „метла“ на кадри во минатиот владин состав. Во ноември лани беше предложен за нов независен член на Надзорниот одбор на Универзална Инвестициона Банка АД.  

На министерската позиција го наследи непартиска личност, бизнисменката Нина Ангеловска. 

Ангеловска впрочем беше таа која соопшти дека Владата се откажува од прогресивното оданочување што пак го промовираше самиот Тевдовски. Бизнис заедницата замери за тие измени и Тевдовски беше сменет.

Ангеловска пак не доби функција во извршната власт во новиот владин состав. На нејзино место во министерството за финансии седна Фатмир Бесими. Ангеловска не е присутна во јавноста и не се огласува на социјалните мрежи иако претходно беше доста активна. Вчера само ја смени фотографијата на официјалната страница, каде сега стои дека е претприемач, а поранешен министер за финансии.