Тевдовски: Нема веќе долги чекања во УЈП, пресметките се поднесуваат електронски

Нема веќе долги чекања во УЈП и УИПР, граѓаните со само еден клик од својот дом ќе можат да ги следат нивните предмети во управите, соопшти Министерството за финансии.

Од Министерството велат дека минатата година заедно со Управата за јавни приходи и со Управата за имотно-правни работи работеле на дигитализација на процесите со цел подобрување на услугите за граѓаните. Граѓаните електронски ќе ја добиваат годишната даночна пријава која од оваа година  во нивно име ја пополнува УЈП. Воедно, од годинава граѓаните ќе можат електронски да го следат и предметот што им го води Управата за имотно-правни работи за откуп на дворно место.

„Минатата година Министерството за финансии заедно со Управата за јавни приходи почна со спроведување на реформата за Електронски персонален данок на доход (Е-ПДД). Целта е поедноставување на постапките за пресметување и плаќање персонален данок преку Е-ПДД системот. Со оваа реформа, граѓаните се ослободени од административните процедури и долгото чекање пред шалтерите. Сите пресметки се автоматизирани и се поднесуваат електронски“, вели министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Преку овој систем, УЈП ќе ја подготвува и доставува на увид на граѓаните годишната даночна пријава, а тие, пак, ќе можат навремено да ја потврдат или да ја коригираат со краен рок до 31 мај 2019 година.

Паралелно, како што посочи Тевдовски, Министерството за финансии заедно со Управата за имотно-правни работи во текот на минатата година работеше и на дигитализација на процесот на следење на предметите за откуп на дворното место.

„До крајот на март планирано е сите предмети за приватизација на градежно земјиште да бидат внесени во системот по што ќе биде развиена дополнителна можност самите поднeсители на барања да пристапат во системот, и со тоа во секој момент ќе имаат увид во статусот на нивното барање. Ова ќе им овозможи на граѓаните да си го следат својот предмет за откуп на дворното место од дома“, објаснува министерот.

Министерството за финансии јавува дека во текот на минатата година спровело десет клучни реформи со што значително се подобриле услугите за граѓаните.