Тевдовски најави проект од 33,4 милиони долари за изградба на градинки и подобро предучилишно образование

Грантови за општините за изградба на нови градинки, за реновирање на постоечките и пренамена на постојни објекти во институции за деца на предучилишна возраст, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на отворењето на првата градинка во општина Чашка, каде присуствуваше и министерката за труд и социјала, Мила Царовска.

Како што информираат од министерството за финансии станува збор за проект во износ од 33,4 милиони долари, кој Светска банка, за време на Пролетните средби во Вашингтон, изразила интерес да го финансира.

Парите од заемот од Светска банка би се користеле и за подобрување на квалитетот на услугите во предучилишните установи, унапредување на наставните програми и обуки на кадрите. Исто така, ќе се доделуваат грантови и за други социјални услуги на локално ниво.

„Во тек е Мисија на тимот на Светска Банка за проценка на проектот. Преговорите помеѓу Владата на Република Македонија и банката треба да почнат на почеток на јули. За крај на септември се планира проектот да биде одобрен од Бордот на директори на Светска Банка. Потпишувањето на договорот треба да се случи на крајот на годинава“ изјави Тевдовски.

Како што истакна министерот за финансии, затекнати се бројни проблеми во предучилишното образование, па Владата веднаш се заложила да се надминат овие проблеми преку обезбедување на повеќе средства во буџетот.

„Децата се нашата иднина. Со вложување во нивниот развој уште од предучилишна возраст, даваме придонес кон идниот просперитет на земјата. Се фокусираме да се подобри опфатот на децата во градинките, односно подобрување на просторните и кадровски капацитети“, рече Тевдовски.

Министерот за финансии посочи дека во годинешниот буџет има определено значително повеќе средства за блок дотации за детски градинки или околу 1,6 милијарди денари. Предвидени се и средства за 200 нови вработувања во градинките како и за покачување на платите на вработените за 5%, почнувајќи од септември годинава. Тевдовски додаде дека во буџетот за 2018 има 58 милиони денари за изградба и опремување на детски градинки и објекти за социјална заштита.