Тетовската полиција за пет месеци казнила 199 возачи кои зборувале на мобилен

Евиденцијата на тетовската полиција во овие речиси пет месеци бележи казни за 199 возачи кои зборувале на мобилен телефон додека возеле, а за истиот период изречени се 179 санкции за возачи и совозачи кои не ги употребувале сигурносните појаси.

Од СВР Тетово за МИА велат дека бидејќи на тетовско-гостиварското подрачје претстои период кој ќе биде исполнет и со далеку поголема сообраќајна фреквенција на патиштата во регионот, овој и наредните летни месеци ќе се реализираат засилени контроли и без исклучоци ќе се санкционираат сите констатирани прекршоци.

- Секторот за внатрешни работи Тетово повторно апелира до возачите да се воздржат од разговори на мобилен кога се зад волан, пишување пораки и слично и редовно да ги врзуваат сигурносните појаси. Зашто, разговорите на мобилен или пишувањето на пораки во голема мерка  го одвлекуваат нивното внимание и ја доведуваат во прашање нивната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Врзувањето на појасите, пак, најмногу е за лична безбедност на возачите и другите во возилата, без разлика дали се патува на покуси или подолги релации, апелира Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

На сите кои зборувале на мобилен возејќи, изготвени им се соодветни поднесоци и тие ќе се соочат со глоба од 40 евра во денарска противвредност. Глобата за некористење појас изнесува 40 евра за возачите и 50 евра во денарска противвредност за совозачите.