
„Тетовирана Историја“ е нов проект кој има за цел македонската историја да ја претстави од поинаков агол – преку спој на тетовирањето, филмот и визуелната уметност. Проектот ќе биде прикажан на 30 октомври во Малата сала на Македонскиот народен театар, со почеток во 20:00 часот.
Проектот го најавија Марко Тасевски и Стефан Божаров, авторите на филмот, кои посочуваат дека зад него стојат многу време, идеи, посветеност и енергија.
„Наместо историјата само да ја читаме, ја претвораме во уметност. Наместо споменик, оставаме трага“, наведува Тасевски во објавата.
Концептот предвидува секоја епизода да раскажува приказна за едно место, еден симбол и дел од историското и културното наследство, претставени преку специфичен визуелен јазик.
Првата приказна од „Тетовирана Историја“ е посветена на Стоби.
„Место кое со векови ја раскажува својата приказна, а сега добива нова форма и нов начин на паметење“, пишува Тасевски.
Божаров, пак, ја најави и проекцијата со кратка порака:
„Нешто што го создававме со многу посветеност, наскоро ќе го видите на големото платно.“
Со проектот, авторите се обидуваат историските теми да ги приближат до публиката на поинаков и современ начин, претворајќи ги симболите и местата од минатото во дел од нова визуелна приказна.
Проекцијата е закажана за 30 октомври, во 20:00 часот, во Малата сала на МНТ.