Тетовец останал без 20.000 денари поради онлајн измама - мислел дека резервира стан

47-годишен жител на Тетово пријавил во полиција дека бил измамен за 20.000 денари, откако наседнал на лажна порака поврзана со наводна резервација на стан во Скопје.

Како што информираат од тетовската полиција, вчера во 13:30 часот, тетовецот пријавил дека на 6 јуни преку онлајн платформа добил порака во врска со наводна уплата за резервација на стан.

Тој го отворил испратениот линк и ги внел податоците од својата платежна картичка, по што од неговата сметка биле повлечени 20.000 денари.

Сомнежот дека станува збор за измама се појавил откако лицето кое комуницирало со него побарало дополнителни 25.000 денари.

Тетовецот веднаш ја контактирал својата матична банка, по што картичката била блокирана.

Од полицијата посочуваат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот и откривање на сторителот.