Тешко е да ја носите тагата на рамена: Солзите се филтери на вашата душа

„Немој да плачеш!“

Тоа е најчестата реакција која ќе ја добиете ако случајно пуштите солза пред некој. Колку пати сте го направиле тоа? Тогаш ги бришете солзите и чекате да си дојдете дома, да се затворите во соба и да се исплачете го човек.

Но, зошто ви рекле да не плачете? Да не плачете пред нив? Или воопшто да не плачете? Зошто сме толку против солзите на оние кои ги сакаме? Па дури и ако не ги познаваме, зошто ни пречат туѓите солзи? Зошто бегаме од солзи?

И солзите сакаат да бидат видени и избришани. И плачот сака да биде чуен, разбран, прифатен. Тешко е да се носи тагата на своите рамена. Секој товар е полесен кога човекот не го носи сам.

Но, на крајот на краиштата, не е важно дали имате рамо за плачење или не, солзите се толку силни чистачи на душата што апсолутно ви се исплати да плачете кога било, каде било и поради кој било.

Луѓето често се изненадуваат кога ќе ми кажат дека со денови плачат, а јас потполно се воодушевувам. Им велам: „Браво, само така продолжете!“

Зошто? Затоа што знам дека кога конечно душата сосема ќе им се прочисти и кога срцето ќе им се врати во нормален ритам, ќе се почувствуваат толку добро, толку поубаво, ќе добијат некој речиси божествен полет да станат и да продолжат понатаму.

Нема ништо посветло од личност која паднала, доживеала неуспех, страдала и која потоа полека станала, ги избришала солзите, ја кренала главата и продолжила понатаму. Нема ништо посилно од човек кој признал пораз, чесно се исплакал и се вратил да се бори и понатаму. Солзите се најприродната можна појава.

Ако не се природни, зошто тогаш целото наше тело спонтано се подготвува, речиси се мести за плачење кога ни е тешко и кога тагата царува со нас?

Тагата е составен дел од сечиј живот. Таа не припаѓа во групата лоши чувства кои мораат  да се избегнуваат. Како и на сите други чувства, треба да ѝ се обрне внимание, да се анализира, прифати и да се исфрли преку солзи.

Животот е тежок, секому на свој начин. Можеби никој не нѐ прашал дали сакаме да живееме, каде и како и понекогаш сме присилени да бидеме во околности кои нималку не ни одговараат, но барем имаме „средства“ за да се олесниме кога ни е тешко. Искористете го тоа. Не се срамете. Како и 100 пати досега, знаете дека секогаш ни е полесно после добро плачење.

А на другите подарете им го своето рамо кога ќе ги стигне тагата. Изненадете некого и следниот пат кога ќе заплаче, наместо да речете: „Не плачи!“, кажете: „Исплачи се, тука сум за тебе!“ Прегрнете ги цврсто и бидете трпеливи. Каков прекрасен подарок е тоа. За душа, од душата. Таа личност никогаш нема да ве заборави.

Солзите се сосема океј. Солзите се подарок од ангелите и добрите самовили, од Бог или од мајка Природа, можеби и нема никогаш точно да дознаеме од кого. Низ солзите, сета тага која не ја сакате конечно излегува од вас. Тие се најефикасното средство за перење на душата, без оглед на тоа за каков вид на тага се работи.