Министерството за здравство во соработка со Клиниката за пулмологија спроведе дводневен скрининг на населението во Трубарево, поради ризиците што ги предизвика големиот пожар со опасен отпад.
„Само во текот на вчерашниот ден се прегледани над 100 лица на двата пункта во Трубарево, од кои осум се упатени на Клиниката за пулмологија поради хронични заболувања за кои подолго време немале направено контрола. Вкупно за два дена беа прегледани над 200 пациенти. Скринингот опфати клинички преглед, мерење на пулс, сатурација и процена на витален капацитет, а одѕивот на локалното население беше навистина голем,“ изјави министерот за здравство, Арбен Алиу.
Според тимовите од Клиниката за пулмологија, пациентите кои биле упатени на Клиниката имале симптоми како потешко дишење, сува кашлица и стегање во градите. Во рамки на скринингот биле детектирани и жители со висок крвен притисок, кои добиле совет веднаш да се обратат кај својот матичен лекар за натамошни испитувања.
Министерството најави дека состојбата и понатаму ќе се следи во координација со Клиниката за пулмологија и сите надлежни институции.