Тешка сообраќајка во Скопје, едно лице го загуби животот

Сопатник во патничко моторно возило загинал, а едно лице со тешки телесни повреди се здобило во две од вкупно 13 сообраќајки случени во текот на вчерашниот ден на подрачјето на СВР Скопје. Во четири со полесни повреди се здобиле шест лица, а во седум била причинета материјална штета.

Од МВР информираат дека вчера сообраќајната полиција открила и санкционирала поголем број прекршоци. Шеесет и четири возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, тројца возачи поминале на крстосница на црвено светло, тројца возачи не дале првенство на минување на пешаците на обележан пешачки премин, еден возач за неправилно престигнување и еден возач за не користење на заштитен шлем. Санкциониран бил и еден пешак кој поминал коловоз вон пешачки премин. Затекнати биле 128 непрописно паркирани возила.

Од сообраќај биле исклучени седум возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 15 возачи пред да се стекнат со право на управување на моторно возило и тројца почетници, како и едно технички неисправно возило и 15 нерегистрирани возила.

Со помош на  специјалното возило пајак, отстранети биле 79 возила.

Денеска Одделението за превенција при СВР Скопје во рамките на сообраќајно воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ ќе реализира едукативна работилница со учениците од второ одделение во ООУ „Јан Амос Коменски“, кое се наоѓа во општина Карпош.