
Дванаесет лица загинаа, а најмалку десет се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила во текот на ноќта на автопат во источна Унгарија, откако автобус со полски регистарски ознаки излетал од патот и се превртел.
Несреќата се случила околу еден часот по полноќ кај местото Мезокерестеш, на автопатот М3. Автобусот се движел во правец кон градот Ниреѓхаза, а според информациите на унгарската државна агенција МТИ, во него имало 57 патници и двајца возачи.
На местото на несреќата биле испратени голем број полициски и противпожарни екипи, а во извлекувањето и поместувањето на тешко оштетениот автобус помагале и граѓани. Голем број од преживеаните патници се здобиле со повреди, дел од нив потешки.
Унгарските власти соопштиле дека возачот на автобусот е приведен, а истрагата за причините за несреќата е во тек.
Делницата од автопатот М3 кај Мезокерестеш била затворена за сообраќај поради увидот и извлекувањето на возилото, а сообраќајот бил пренасочен по алтернативни патишта.