Тепачите на девојката може да „заглават“ во затвор и до неколку години

Македонија вчера се разбуди згрозена, а потоа и гневна на двајца мажи од Штип.

Згрозена од снимката која експресно се рашири на социјалните мрежи каде се гледа како крвнички тепаат една млада девојка која штотуку наполнила 20 години, а потоа и гневна на овие двајца.

Со тупаници и клоци, крвнички и безмилосно го удираа девојчето небаре боксерска вреќа удираат, а девојчето безпомошно бараше помош и ги молеше да не ја тепаат. Каде живееме? Од каде оваа омраза? Во 21 век, двајца млади луѓе, еден на 23 другиот на 26 годишна возраст, крвнички претепуваат млада девојка, која не може да им се спротистави, само затоа што им рекла дека е бремена. Што ли ќе и направеа доколку ги навредеше со некој погрден и недоличен збор?

Техничкиот министер во МВР, Наќе Чулев, експресно реагираше, напаѓачите беа веднаш идентификувани и приведени во полициска станица, со нив беше направен разговор и истите ќе останат 24 часа во притвор.

Но, вечерта новинар на една телевизија зема изјава од тепаната девојка, од тоа видео дознавме дека овој настан е стар повеќе од два месеци, девојката била во полициска станица, дала изјава за настанот, но нема повреди по телото, бидејќи е поминат поголем временски период, но тоа не ги прави тепачите невини. Тука е убаво да споменеме дека со жртвата ќе се направи и извештај од психијатар, кој многу ќе помогне во понатамошната судска постапка.

Истиот новинар зема изјава и од таткото на еден од тепачите, засрамен и понижен од сопствениот син вели, „Имав еден син и тој ме закопа“, треба ли повеќе да се коментира после ваква изјава на овој човек?

Но, ајде да видиме што вели Законот за кривична постапка на Република Македонија:

Според нашите информации од МВР, тепачите од Штип ќе се гонат по Член 130 или 131 од ЗКП на РМ. Што велат овие два члена:

Телесна повреда Член 130

(1) Тој што друг телесно ќе го повреди или ќе му го наруши здравјето, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(2) Тој што ќе го стори делото од став 1 при вршење семејно насилство, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години

(3) Судот може на сторителот на делото од став 1 да му изрече судска опомена ако бил предизвикан со особено навредливо или грубо однесување на оштетениот.

(4) Гонењето за делото од став 1 се презема по приватна тужба а за ставот 2 по предлог.

Тешка телесна повреда Член 131

(1) Тој што друг тешко телесно ќе го повреди или здравјето тешко ќе му го наруши, ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години.

(2) Тој што ќе го стори делото од став 1 при вршење семејно насилство, ќе се казни со затвор од една до пет години

(3) Тој што друг тешко телесно ќе го поврди или здравјето тешко ќе му го наруши и поради тоа ќе биде доведен во опасност животот на повредениот или ќе му биде уништен или трајно и во значителна мера ослабен некој важен дел од телото или некој важен орган или ќе биде предизвикана трајна неспособност за работа воопшто или за работата за која е оспособен или трајно и тешко ќе му биде нарушено неговото здравје или ќе биде нагрден, ќе се казни со затвор од една до десет години.

(4) Ако поради тешката телесна повреда од ставовите 1 до 3 повредениот ќе умре, сторителот ќе се казни со затвор најмалку една година.

(5) Тој што делото од ставовите 1 и 2 ќе го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.

(6) Тој што делото ќе го стори на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување или како последица на семејно насилство од страна на повредениот, ќе се казни за делото од ставовите 1 и 2 со парична казна или со затвор до три години, а за делото од ставовите 3 и 4 со затвор од една до пет години.

 

Според Член 130 од ЗКП на РМ, на тепачите од Штип казната може да биде само опомена, но и затворска казна до три години.

Но, според Член 131 од ЗКП на РМ став 3, предвидена е и затворска казна од 10 години, останува да видиме според кој од овие два члена обвинителството ќе го води случајот.

Но постои и момент на приватна тужба, кој најверојатно жртвата ќе ја поднесе, а во овие случаи голема е и паричната казна. Односно според претходни искуства, слични на овој, паричните казни се над 600.000 денари по обвинет.

Македонската јавност е згрозена, тепачите ќе си ја добијат заслужената казна, но треба ли властите во Македонија, секако не оваа техничката, некоја идна влада да преземе, спроведе, драстични мерки околу насилството кај младите, посебно сега, кога мора да седиме дома поради ситуацијата со коронавирусот, а тоа ги прави младите по нервозни и по агресивни.

Добар пример за вакви мерки е Исланд, земја која со добра програма и промена на закони го доведе овој проблем на минимум.

 

Ристе Здравков

Извор: Курир