Постојат моменти во животот кога веруваме дека сме направиле пресудна грешка, дека сме влегле во „погрешниот воз“, дека изборот кој сме го направиле нè води далеку од она што сме го посакувале и дека секој чекор што следи е обележан со паника и чувство на загуба.

Photo by Balazs Busznyak on Unsplash
Тоа може да биде град во кој сме се преселиле, работа што сме ја прифатиле, врска што сме ја започнале или одлука што во моментот ни изгледала разумна, а подоцна ни се чини погрешна. Тоа чувство на „ова не беше планот“ знае да биде доволно силно за да го наруши мирот и да нè натера да мислиме дека сме го изгубиле правецот.
Но со тек на време, кога ќе помине почетниот страв и кога ќе погледнеме наназад, често сфаќаме дека оној воз што го нарековме „погрешен“ всушност нè однел таму каде што ни било потребно да стигнеме, а не таму каде што сме замислувале дека треба да бидеме. Животот ретко ги следи линиите што ги цртаме на хартија и многу почесто работи преку скршнувања, застои и пресврти кои во моментот ни личат на неуспех. Но токму тие моменти, тие паузи и тие кривини, ја носат најголемата сила да нè променат, да нè насочат и да ни покажат делови од себе и од животот кои никогаш не би ги виделе ако сè ни одеше по план.
Суштината на теоријата за „погрешниот воз“ е едноставна: не можеме секогаш да знаеме каде одиме, ниту како ќе изгледа патот што сме го избрале. Понекогаш животот нè турка во насоки што ни изгледаат како загуба, а всушност нè штитат од поголем товар. Понекогаш ни ја затвора вратата што ја посакуваме за да не натера да влеземе во друга, која на крај откриваме дека е многу попотребна. И понекогаш она што ни изгледа како најголем пад станува почеток на некое ново, посилно поглавје што не би го започнале без тој „погрешен“ момент.
Ова не значи дека не чувствуваме болка или сомнеж додека сме во тој воз. Напротив. Често токму тие чувства се доказ дека сме во процес на промена. Но исто така е точно дека најголемите свртувања во животот се случуваат таму каде што мислевме дека сè оди наопаку. Во пресретнатите луѓе што не би ги запознале по „точниот“ пат. Во новите способности што сме ги развиле затоа што сме морале да се снаоѓаме. Во зрелоста што сме ја стекнале токму затоа што светот не ни ги исполнил очекувањата.

Photo by Sugden Guy sugden on Unsplash
Во суштина, теоријата за „погрешниот воз“ не зборува за грешки, туку за перспектива. Зборува за начинот на кој нешто што личи на задоцнување често е всушност пренасочување. За тоа како може да сме на правилното место дури и кога ни изгледа дека сме многу далеку од целта. За тоа како животот понекогаш работи во наша корист, дури и кога ние сме убедени дека нè казнува.
И можеби најважното е ова: нема совршен пат. Постојат само патишта што нè обликуваат. Понекогаш возот што мислиме дека сме го утнале е токму оној што требало да го фатиме. Не затоа што бил лесен, туку затоа што нè однел таму каде што ќе станеме нешто повеќе од она што сме биле.
Ова е теоријата за „погрешниот воз“. Тивко, ненаметливо потсетување дека не секое скршнување е пораз и дека понекогаш токму таму каде што не планиравме да одиме – нè чека животот што е вистински наш.