Тензично во Собранието - Владата преживеа, но има најави за радикално нејзино уривање

Целодневна собраниска седница, повеќе паузи, обвинувања за киднапиран пратеник, народни избраници позитивни на корона во скафандери – македонското Собрание вчера до полноќ имаше тензичен ден.

Владата предводена од Зоран Заев, кој даде оставка од премиерската функција, па ја повлече, останува, додека опозицијата која најави дека има мнозинство за изгласување на недоверба на владата на Заев, откако не успеа да го стори истото, бара брзи предвремени парламентарни избори.

Нова политичка криза е на повидок, оценуваат аналитичарите, со оглед дека никој од двата политички блока нема мнозинство во законодавниот дом, односно ситуацијата е 60-60 пратеници.

Од СДСМ и коалиционите партнери постојано ја нагласуваат про-ЕУ и про-НАТО агендата повикувајќи се на ветувањата на високи дипломатски претставници кои алудирале дека декември ќе биде клучен во отпочнувањето на преговорите со ЕУ.

Опозицијата, откако ја освои локалната власт во повеќе македонски градови, е за парламентарни избори, дополнително со оглед на, како што велат, лоштото менаџирање на здравствената и енергетската криза.

Лидерот на Левица доцна синоќа оцени дека ситуацијата е алармантна и дека е парализирана демократијата. Во изјава за медиумите, Апасиев рече дека е потребна политичка радикализација на опозицијата.