Тендерската документација открива кој бил одговорен за безбедноста на тетовската модуларна болница

Заштитата од пожар во тетовскиот ковид центар била обврска на директорот на болницата. Ова го открива заедничкиот документ на Министерствата за труд, здравство и Светската банка во кој детално се опишуват фазите на изградба, одржување и контрола на монтажниот објект, пренесува Сител ТВ

Според информациите наведени во документот, модуларната болница требало да поседува план за заштита од пожар, а тој требало да го спроведат директорот и одговорно лице во болницата.. .

Дали постоел ваков план и што тој предвидувал,  директорот на Клиничката болница, Флорин Бесими денеска не одговорил на  телефонските повици, ниту на испратените пораки од Сител ТВ. 

Според документот, Бесими имал улога на изведувач на објектот, а негова должност бил и инспекцискиот надзор. Спроведувањето на планот за работа го следеле и двајца вработени во Министерството за труд и социјала. 

Директна надлежност за модуларниот објект имала и општината. Локалната власт во Тетово, според документот, била вклучена во контрола на изградбата на објектот, неговата функционалност и примената на заштитни механизми за што требало да има свој супервизор, а обврска да го надгледува процесот имал и градежниот инспектор.