Тендери има, ама ѓубрето стоо!

Важевме за најурбана општина во Скопје. Одржување на хигиената беше прв приоритет во Аеродром. Комуналните служби на град Скопје и општина Аеродром редовно ги исполнуваа своите обврски во однос на собирање на сметот и отпадот, чистење на јавните површини и одржување на парковите.

Се промени власта, се промени и навиката за одржување на општината.

Златко Марин имаше едно одлично предизборно ветување – „комунален ред и хигиена на европско ниво“. Па кажуваше дека редовно ќе го собира отпадот, ќе ги чисти јавните површини, ќе поставува подземни контејнери по европски стандарди, па дури и дека ќе формира општинско комунално претпријатие.

Многу европски, да помисли човек дека навистина ќе се фатат за работа, иако одржување на хигиената е редовна обврска на локалните власти.

Ама после две години на власт, сликата за Аеродром покажува нешто друго.

Повеќе од стотина ангажирани сезонски работници успешно се грижеа за хигиената во Аеродром повеќе години.

Но за градоначалникот тоа не беше доволно, па направи јавна набавка и дополнително ангажираше приватна фирма која ќе се грижи за одржување на хигиената на општината. Седум милиони денари или повеќе од 110.000 евра годишно чини фирмата која треба да го чисти Аеродром, покрај анажираните сезонски работници.

И ќе беше добро, ама да се чистеше општината. Преполни контејнери, ѓубре на сите страни, валкани улици, прашина насекаде. Ништо не се оддржува, чисти, санира. Аеродром се претвори во огромна депонија, валкана општина која како да нема градоначалник кој ќе се грижи за неа.

Па логично е да се постави прашањето зошто се трошат повеќе милиони денари наши пари за приватна фирма која би требало да ја одржува чиста општината?

Исто така логично е да се постави прашањето и зошто сите плаќаме за собирање на смет, а сме сведоци на преполни контејнери, нередовно празнети?

А можеби најлогично е да се постави прашањето дали кога ќе добијат функција, заслепени од привилегиите и тендерите, ја губат цела логика,?

Многу тешко се управува општина од удобна фотелја...

На тема ѓубре, не може, а да не го споменам и Дамјан Манчевски, министер, борец за чист воздух, хигиеничар, кој на прес конференција помпезно најави дека администрација ќе чистела ѓубре. Не ќе беше лошо пред да најавеше, да го прашаше Златко Марин за што му се ангажирани повеќе од сто сезонски работници и приватна фирма за 7 милиони денари?

На крај ќе излезе дека кај да е и снег ќе падне, па ќе покрие се`, а градоначалникот ќе се пофали дека Аеродром БЛЕСКА.

Ама снегот ќе се стопи, тендерот ќе се наплати, а ѓубрето си стоо.

Златко, не биди ѓубре.

Дејан Митески, поренешен член на советот во општина Аеродром