„Темперните, ранците и футролите со астрономски цени“ - Родителите со реакции за училишните трошоци

Веќе две недели училишниот прибор низ книжарниците се продава по намалени цени. Имено, по владината мерка за намалување на цените на училишниот прибор за 10 и 15 проценти, која стапи на сила на 15. август, трговците се задолжени приборот да го продаваат со пресметан попуст. 

Целата на оваа мерка е да се намали трошокот на родителите на стартот на новата учебна година. Во меѓувреме, како што велат надлежните, инспекциите се на терен и проверуваат дали се почитуваат правилата

Сепак, родителите велат дека трошоците за подготовка за старот на новата учебна година, на едно или две деца од семејството, се високи. Особено се погодени семејствата, со две или повеќе од три деца основци. 

На социјалните мрежи родителите споделуваат дека цените на приборот се астрономски. Дел од нив велат дека не купуваат сѐ одеднаш, други сметаат дека може да се одбере неопходното по нормални цени. Трговците, како и секогаш, со широка понуда на училишна опрема и прибор, а цените на поквалитетните и пооригинални нешта за на училиште секогаш чинат поскапо. 

- Ако во наше време најскапата тетратка беше 15 денари, денес нема поевтина тетратка од 40 денари. Скап е приборот за ликовно образование. На пример темперните боици се движат околу 400 денари, а треба да се купат дрвени боици, фломастери, маслени и темперни боици, реагира родител од Скопје. 

- Имам двајца основци. За едниот годинава ќе купиме нов ранец. Цените на ранците се околу 2.000 денари. Другиот ќе го носи ранецот од лани кој е сочуван и нема потреба од нов. Две футроли со прибор чинат околу 1.500 денари, споделува мајка на двајца ученици. 

- Имам прваче. На трошокот бевме подготвени. Најблсиките веќе купија подароци... Ранец, кутија за храна, патики за физичко, футрола со прибор...вели друга мајка. 

Трговците велат дека има понуда за сечиј џеб. 

- Цените се различни, зависно од квалитетот. Ранци и фотроли, папки и прибор има по различни цени, и пониски и повисоки. Со разумно купување, „училишната кошничка“ може да биде со разумна сума. Родителите внимаваат на цените, додека најблиските кога купуваат подарок за блиско дете не гледаат на цена, вели сопственичка на книжарница од Скопје. 

Акции на училишен прибор има и низ маркетите, а „Back to school“ акции има и низ аптеките и продавниците за облека и обувки. 

Согласно владината мерка, пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата за прибор, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: ПОПУСТ НА УЧИЛИШЕН ПРИБОР, од најмалку 15%.