Темелковски: Три локации во опција за дислокација на Центарот за зависници

Жителите на Кисела Вода повторно излегоа на протести на кои бараат дислокација на Центарот за зависници во населбата.

Околу еден час тие блокираа дел од булеварот Борис Трајковски, жалејќи се дека не се чувствуваат безбедни и дека лицата што се лекуваат во Центарот расфрлаат шприцеви и игли кои се опасност за најмладите и за околината.

На протестот се појави и градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, кој рече дека моментално решение е да се зголеми присуството на персонал и полиција во болницата, а со тоа ќе се намали шансата да се изнесува надвор дрогата.

-„Ова е мерка за наредните 2 недели, а потоа, во наредните 3 месеци ќе се изврши дислокација на Центарот. Како решение остануваат трите локации кои беа споменати на средбата со граѓаните во општината пред 2 недели“, рече Темелковски, не сакајќи да прецизира каде ќе биде преместена болницата бидејќи, како што рече, тоа е работа на Министерството за здравство.

Жителите на Кисела Вода изјавија дека генерално се задоволни од овие предложени мерки, но очекуваат во текот на утрешниот ден да ги видат на хартија, па во зависност од тоа ќе одлучат дали ќе ги продолжат протестите.