Темелковски најави гасификација во Кисела Вода, како и изнаоѓање на долгорочно решение за Домот за зависници

Градоначалникот Филип Темелковски оствари повеќе работни средби со жителите на Општина Кисела Вода.

Темелковски во придружба на секретарот на Општина Кисела Вода, Александар Алексовски, дел од раководителите на стручните служби од општината и претставници на ПС Кисела Вода оствари работна средба со граѓаните од урбаните заедници 11 Октомври – згради и Кисела Вода.
Градоначалникот Темелковски на средбата во УЗ Кисела Вода ги информираше граѓаните за активностите кои општината ќе ги преземе за подобрување на условите за живот во нивната урбана заедница.

– Во периодот што следи предвидено е да се изврши гасификација на урбаната заедница. Во соработка со градот Скопје ќе се вложат и максимални напори за побрзо завршување на градежните активности на кружниот тек на последната автобуска станица број 24, како и на пропратните сервисни улици кои се составен дел од овој проект – велат од Кисела Вода.

Покрај ова градоначалникот најави дека во моментов во соработка со Министерството за здравство се работи за изнаоѓање на долгорочно решение за Домот за зависници. Беше најавено и скорешно започнување со работа на новоизградениот Дом на културата.

Исто така, градоначалникот Темелковски на средбата оддржана во урбаната заедница 11 Октомври – згради информираше дека во наредниот период ќе се изработи нов проект за трим патеката, како и поставување на соодветни реквизити на истата. Предвидена е санација на ул. “Пушкинова” со краците, енергетска ефикасност со модул за згради од 2019 година, како и изработка на нова енергетски ефикасна фасада на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“. Градоначалникот информираше и за гасификацијата на Град Скопје со одредени нови линии за УЗ 11 Октомври – згради.