Телефонот што „ги гаси“ цигарите: Секој десетти јавувач во Македонија успева да се откаже од пушењето

Според податоците од Светската здравствена организација, Македонија е меѓу земјите со највисока застапеност на пушењето во Европа. Околу 45,4% од возрасното население се редовни конзументи на тутун, што значи дека речиси секој втор возрасен користи тутун. 

Доколку сте пушач - 078 285 873 е телефонскиот број, на кој може да побарате помош и поддршка за одвикнување од оваа штетна навика и да го заштитите своето здравје, но и буџет. 

Телефонската линија за советување и поддршка при откажување од пушењето при Институтот за јавно здравје функционира од крајот на минатата година, а досегашните податоци покажуваат дека околу 10 отсто од луѓето кои се јавиле успеале да се откажат од пушењето.

Најчесто помош бараат лица на возраст од 40 до 50 години и луѓе со долг пушачки стаж, додека бројот на помлади пушачи кои се јавуваат е помал.

Одговорните за линијата од ИЈЗ посочуваат дека бројот на јавувања варира, а поголем интерес се забележува во периодите кога линијата има поголема медиумска изложеност.

- Бројот на јавувачи варира, се разбира имаме периоди каде имаме повеќе повици, и периоди каде има помалку, обично кога линијата има медиумска изложеност бројот на повици во тој период е повеќе, но целосно линијата функционира доста успешно. Нашите податоци покажуваат дека околу 10% од луѓето кои се јавиле се откажале, односно луѓето што се јавуваат се на возраст од 40 до 50 години и лица со долг пушачки стаж. За жал бројот на помлади лица кои се јавуваат е помал и една од главната цел на линијата за во иднина е да се зголеми заинтересираноста на помладите пушачи, со цел да откажат на што помлада возраст, велат оттаму за Скопје Инфо. 

Помош и за електронски цигари, вејп и никотински кесички

Линијата не е наменета само за оние кои пушат класични цигари. Поддршка се обезбедува и за лица кои користат електронски цигари, вејп производи, никотински кесички и други тутунски производи.

- Линијата е за помош при откажување на сите видови тутунски производи, вклучително и на новите производи, електронски цигари, вејпинг, никотински кесички, вреди што го загреваат, а не согоруваат тутунот, како и се видови на тутунски производи што би се нашле на пазарот во меѓувреме, појаснуваат од ИЈЗ. 

Откажувањето не е само прашање на волја

Една од најчестите заблуди кои се широко распространети во македонското општество е дека пушачот може едноставно да престане доколку има доволно силна волја. Експертите нагласуваат дека никотинот создава зависност и дека на дел од луѓето им е потребна професионална поддршка, а понекогаш и терапија. Ова го потврдуваат и стручните лица од ИЈЗ. 

- Најчеста заблуда е дека откажувањето е само прашање на волја. Никотинот создава реална зависност, па затоа не е доволно само да му кажеме на човекот „престани да пушиш“. Потребна е соодветна поддршка, а понекогаш и терапија, и сосема е нормално да бидат потребни повеќе обиди. 

Потребни се поголеми вложувања во превенцијата

Во однос на средствата кои годишно се издвојуваат за превенција и откажување од пушење, од Институтот з ајавно здравје посочуваат дека висината на средствата за превентивни активности ја определува Министерството за здравство.

- Висината на сите средства за превентивните активности во Македонија, ги одредува Министерството за здравство. Бидејќи сме земја со висока стапка на активни пушачи, секогаш треба да вложуваме повеќе, велат оттаму. 

Според одговорните, една од идните цели е поголем број млади пушачи да се мотивираат да побараат помош и да се откажат од никотинот што е можно порано. 

Македонија и понатаму се соочува со исклучително висока стапка на употреба на тутун, а земјата нема национална стратегија за контрола на пушењето. Активностите на Институтот за јавно здравје се спроведуваат во рамки на редовната работа и согласно Националната годишна програма за јавно здравје.

- За жал немаме национална стратегија, сите активности што ги врши ИЈЗ се во склоп на редовната работа според Националната годишна програма за јавно здравје, велат од Институтот за јавно здравје и додадаваат: 

„Македонија е меѓу земјите со највисока застапеност на пушењето во Европа. Според податоците презентирани од СЗО, околу 45,4% од возрасното население во Македонија се редовни корисници на тутун, што значи дека речиси секој втор возрасен користи тутун“.

За споредба, просечната преваленца на употреба на тутун кај возрасните во Европскиот регион на СЗО изнесувала 25,3 проценти во 2022 година. Според најновите проценки на СЗО, Европскиот регион и понатаму има една од највисоките стапки на употреба на тутун во светот.

Особено загрижувачка е состојбата во земјите од Западен Балкан, каде што употребата на тутун и понатаму е значително повисока од европскиот просек.

- Особено загрижувачка е состојбата во Западен Балкан, каде што употребата на тутун и понатаму е значително повисока од европскиот просек. СЗО во 2026 година повторно го посочи Западен Балкан како субрегион со висока преваленца; во 2024 година меѓу земјите од регионот употребата на тутун кај возрасните се движела приближно од 21% до 40%, велат од ИЈЗ.

Оттаму оценуваат дека Македонија не само што е над европскиот просек, туку се наоѓа во самиот врв на европските земји според распространетоста на пушењето.

- Затоа, Македонија не е само над европскиот просек, туку се наоѓа во самиот врв на европските земји според распространетоста на пушењето. Тоа ја прави зависноста од никотин и понатаму еден од клучните јавно-здравствени предизвици во земјата, посочуваат од Институтот.

На прашањето дали актуелните мерки против пушењето даваат резултат и дали новите законски измени би можеле да ги намалат негативните статистики, од ИЈЗ велат дека досегашните мерки имаат одреден ефект, но не се доволни за значително намалување на пушењето.

- Актуелните мерки имаат одреден ефект, но статистиката покажува дека не се доволни за значително намалување на пушењето. Северна Македонија и понатаму има исклучително висока преваленца на употреба на тутун, што покажува дека досегашниот пристап мора да се зајакне, велат од ИЈЗ.

Очекувањата се дека новите законски измени би можеле да дадат поголем ефект, но само доколку нивното спроведување биде проследено со доследна контрола.

- Затоа, очекуваме новите законски измени да дадат поголем ефект, особено ако не останат само на хартија, туку се проследени со доследна контрола и спроведување. Предложените измени одат кон построга заштита од изложеност на чад и аеросоли, поголема контрола на тутунските и никотинските производи и подобра заштита на младите, посочуваат од ИЈЗ.

Сепак, според ИЈЗ, законските измени сами по себе нема да бидат доволни за трајно намалување на бројот на пушачи.

„Но, законот сам по себе нема да биде доволен. Потребни се и превенција, континуирани кампањи, достапна стручна помош за откажување и поефикасна контрола на спроведувањето. Само со комбинирање на овие мерки можеме да очекуваме трајно намалување на бројот на пушачи“, децидни се од институцијата која е задолжена за јавното здравје.