
Наставата без користење мобилни телефони за време на часовите успешно се реализираше изминатата учебна година во сите општински основни училишта во Гази Баба и веќе дава видливи резултати, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски.
Според него, во секоја училница се поставени специјално изработени џебови, а дел од училиштата располагаат и со специјализирани шкафови за безбедно оставање на мобилните телефони. На почетокот на секој наставен час учениците ги оставаат своите телефони на означените места, а ги преземаат по завршувањето на наставата.
Градоначалникот истакнува дека на крајот од учебната година веќе е забележливо дека мерката има позитивен ефект. Учениците се поконцентрирани на наставата, поактивно учествуваат на часовите, повеќе комуницираат меѓусебно и покажуваат поголема посветеност кон учењето.
- Продолжуваме да вложуваме во квалитетно образование, затоа што секоја инвестиција во знаењето е инвестиција во иднината на нашите деца, порача градоначалникот, додавајќи дека Гази Баба останува посветена на создавање подобри услови за раст, развој и успех на секој ученик.