Текстилната индустрија е пред колапс - 6.000 работници може да останат на улица

Текстилната индустрија е пред колапс. 6000 текстилни работници заминаа на колективен одмор, а од нив 3500 се од штипските конфекции. Од текстилниот кластер предупредуваат дека за 2 недели може да се соочат со откази од работните места доколку не се донесе петтиот пакет економски мерки. Градоначалниците од најпогодените општини се немоќни да сторат било што, зашто последниот збор го имаат пратениците во македонското Собрание.

Како градоначалник мојата сила е до вратата на Собранието. Понатаму е волјата на пратениците и договорот кој веќе е постигнат и сега ќе ја видиме реализацијата. Како што кажа и од приватниот сектор, претседателот на Здружението на текстилните работници, некогаш  доцна дојдената помош, некогаш е и предоцна за спасување- изјави САШКО НИКОЛОВ, ГРАДОНАЧАЛНИК НА ШТИП

Единствен спас во новонастанатата ситуација, според Николов е, да се искористат контактите со амбасадите од западно европските земји и потпишување на билатерални договори на нашите и странските стопанственици. 

Да се поврзат и да ја продолжат својата работа, а со тоа и да ги задржат вработените во нивните индустриски капацитети- додаде Николов

Работодавачите за колективен одмор се решиле поради доцнењето на мерките, по што ќе следуваат отказни решенија за вработените со договор на определено време, а потоа и прогласување на технолошки вишок.