Текстилци на големо отпуштаат работници

Принудени сме да ставиме клуч на врата оти владините мерки не се доволни за да го спасиме производството – отворено зборуваат сопственици на текстилни компании за Алфа. Ако се реализираат најцрните сценарија, илјадници работници ќе останат без работа. Коронакризата на големо удри по текстилните компании кои на големо отпуштаат работници, главно шнајдерки, објавува телевизија Алфа.

– Размислуваме за опцијата отпуштање на работниците, заради тоа што практично од 10 април ние повеќе немаме работа. Мерките што ги предложува владата нема да ни помогнат. Предлогот на Стопанската комора е најдобар. Тоа веќе го воведоа, мислам дека Србија, Грција и Словенија, вели во телефонски разговор за Алфа, Марјан Румпевски од сопственичктаа структура на „Полотекс“ од Берово.

Во понеделник ставам клуч на врата, пазарот во Германија се затвора, немам за кого да работам, вели сопственикот од „Дока текстил“, Валандово, која претходно донирала 40.000 маски во Валандово, Дојран, Гевгелија и Демир Капија. Газдата рече дека за сега нема да ги отпушти работниците, и ќе се бори колку што може, но опцијата да се задолжи со кредити била невозможна, зашто враќањето било илузија.