Некои пријатели се како наше семејство.
Photo by Becca Tapert on Unsplash
Низ нашиот живот минуваат многу луѓе, но некои луѓе остануваат тука. Со нив споделуваме радост и болка и сфаќаме дека имаме посебна поврзаност. Не сме осудувани, имаме поддршка кога работите ќе тргнат на лошо и радост кога треба да ги славиме своите победи.
Светот постојано се врти и менува, но тие се тука во нашиот живот. Се менуваме и ние, некогаш и не сме воопшто слични, но сепак постојат вредности кои ги споделуваме и заеднички спомени кои нè држат заедно.
Не постои ништо повредно на овој свет од добар пријател. Можеме да имаме стотици луѓе околу себе, но ако немаме некој кому можеме целосно да веруваме, тогаш немаме вистински пријатели.
Со овие луѓе, работите се некогаш полесни, некогаш потешки, но егото е секогаш на страна и лесно поминуваме низ недоразбирањата. Водиме отворени разговори, можеме слободно да кажеме кога се повредени и да ја признаеме вината и одговорноста кога ќе згрешиме нешто.
Тие секогаш се трудат и го даваат најдоброто од себе, а и ние го правиме истото за нив. Не ги ставаме работите на вага, не очекуваме исто колку што даваме, бидејќи со текот на времето сме научиле дека балансот постои.
Од нив учиме што е љубов, што е почит, што е доверба. Тие имаат посебно место во нашиот живот. Засекогаш!