Технички неисправен автобус вршел организиран превоз на деца - во него имало и 37 патници повеќе од дозволеното

Вчера во 07:45 часот на булевар „Борис Трајковски“ во Скопје од страна на полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи извршена била контрола на автобус со скопски регистарски ознаки, сопственост на правен субјект од Скопје, со кој се врши јавен превоз на патници (организиран превоз на деца), при што е констатирано дека во истиот се превезуваат 85 патника, додека дозволено по сообраќајна дозвола е максимум 48 патника, односно возачот Ј.Д. (63) од Скопје, превезувал со автобусот 37 патника (деца) повеќе од дозволеното.

Од таму посочуваат дека над возилото извршен бил и вонреден технички преглед во овластена станица за технички преглед од страна на стручни лица, при што била утврдена техничка неисправност на возилото, односно неисправност на уредите за сопирање (сила на кочење на работна кочница и помошна кочница) и уредите што овозможуваат нормална видливост (скршено ветробранско стакло).

Против правниот субјект, одговорно лице во правното лице и возачот Ј.Д. (63) од Скопје се преземени соодветни мерки и ќе се соочат со законски предвидените санкции, додека возилото е исклучено од сообраќај се до отстранување на недостатоците, додаваат од МВР.

„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со што заеднички ќе придонесеме за побезбедни патишта“, посочија од МВР.