Тегла ајвар се наплаќа 250 денари - вредни скопски домаќинки полнат туѓи шпајзови

Покрај големата понуда на индустриски подготвени домашен ајвар,  лутеница,  јуфки,  некои преферираат ептен домашно, па ако тие немаат време или, едноставно желба да ги направат, има кој има, се разбира, за солидна цена.

- Живеам во зграда и уште пред петнаесетина години престанав да правам ајвар откако дознав дека жена во едно село во близина на Скопје го прави за пари. На почетокот и го носев материјалот и теглите, а сега таа набавува се. Јас само порачувам, плаќам и си ги земам полните тегли. Малку е поскап, но индустрискиот, колку и да е подобар од порано, не може да се мери со него. Кога сум тенка со пари, порачувам помалку, колку моето семејство да вкуси домашен ајвар, кој многу го сака, вели скопјанката Јулијана, од Кисела Вода.

Освен ајвар, за продажба во домашни услови се подготвуваат и јуфки. Големата понуда на јуфки од различни произвидители во маркетите не им пречи а голем број жени да го претворат во пари своето знаење за подготовка на овој специјалитет на традиционален начин.

- Јуфките што ги правам се поквалитетни отколку оние од продавница. Ставам повеќе јајца, а помалку млеко. Еден килограм го продавам 180 денари, а една тура има три килограми. Ги правам по желба, и кршени и сечени на машинка, вели Наташа од Бутел.

Според огласите објавени на интернет, некои од жените кои дома подготвуваат јуфки нудат две опции. Едната е со материјал на муштеријата, а за една доза тоа се три килограми брашно, 20 јајца, литар млеко, сол, масло, вреќа за пакување. Во тој случај се наплатува само работната рака која чини 150 денари. Втората варијанта е со материјал на домаќинката која ги подготвува и во тој случај за дозата со 20 јајца се наплатува 500 денари.