Тече процесот на вакцинација во Македонија - до крајот на неделава се очекуваат и 200.000 кинески вакцини

Досега 1040 здравствени работници ја примиле вакцината против Ковид-19. Кај мал број од нив се пројавени реакции по вакцината како болки на местото каде таа е аплицирана и благо зголемена телесна температура, информираа вчера за МИА од Министерството за здравство.

Оттаму додадоа дека сите вакцини се безбедни и развиени на сигурни платформи.

Преку веб-страницата „vakcinacija.mk“ реализирани се 63.075 пријави од граѓаните со искажување на интерес за вакцинација.

Имунизацијата се врши со 4680 од предвидените 8000 дози вакцини од производителот „Фајзер“ кои државава го доби како донација од Србија.

До крајот на неделава се очекуваат и 200.000 вакцини од кинескиот производител „Синофарм“. Државата ќе порача дополнителни 100.000 вакцини „Спутник“.

Премиерот Зоран Заев вчера изјави дека се прават напори во земјава што поскоро да стасаат вакцини од сите производители. Кинеските вакцини, најави, се очекува да пристигнат до крајот на овој месец. Тој соопшти дека е во план да се набават 100 илјади вакцини „Спутник“.

– Преку КОВАКС механизмот ги очекуваме вакцините од „Модерна“ и од „Астра Зенека“, „Фајзер“ веќе имаме, од Кина очекуваме да стигнат, истакна Заев.