Течат последните подготовки за Илиденскиот марш до Крушево

Во пресрет на големиот национален празник Илинден, коњаниците што ќе учествуваат на 44-тиот традиционален коњички марш оваа година ги прават последните подготовки покрај кејот на реката Вардар и во Паркот на езерата, информираше градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски. 

На маршот што го организира Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 1978“, ќе учествуваат 27 коњаници од различна возраст, меѓу кои и една девојка. Тие ќе тргнат кон Крушево во среда, 27 јули, од паркот „Јане Сандански“ во 17:30 часот.

-Во овој парк на коњаниците ќе им го предадам општинското знаме, по што со дефиле низ главните булевари во Аеродром коњаниците ќе се упатат кон црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, каде што ќе се одржи собир проследен со културно-уметничка програма. Како што аеродромци се верни и посветени на одржувањето на овој марш, така и Општина Аеродром секоја година ќе вложува поголеми човечки и финансиски капацитети со цел традицијата никогаш да не згасне. Илинденскиот марш е една од најголемите и најзначајни културни манифестации како за Аеродром, така и за цела Македонија, порача Муцунски.