Театарската претстава „Кожурец“ вечерва и утре во МКЦ

Денеска и утре со почеток од 21 часот во МКЦ (сала 25 мај) ќе се изведе новата театарска претстава „Кожурец“, во продукција на независното здружение Артопија.

Работена според вистинска приказна, претставата Кожурец го отвора просторот на комплексните односи помеѓу премолчувањето и прозборувањето, барајќи го во театарскиот контекст јазикот да прозбори за внатрешните и надворешни механизми на сексуалната злоупотреба на деца. Претставата претставува своевиден емотивен пејсаж на една траума, преиспитување на репрезентацијата во театарот, збир на сцени, слики и песни, добиени како материјал од истражувачкиот процес.

Текстот и драматургијата се на Билјана Радиноска и Верица Недеска. Улогите ги толкуваат Душица Настова, Кристина Леловац, Симона Спировска, Наташа Петровиќ.

Претставата е во режија на Билјана Радиноска, а продуцент е Филип Николовски.

Настаните ќе бидат организирани согласно протоколите за организирање настани во затворен простор. Билетите по цена од 300 денари се достани на билетарница во МКЦ.

Бројот на посетители е намален, носењето маски е задолжително за време на целиот настан.