Театарска претстава „Експеримент“ вечерва во МКЦ

Театарската претстава „Експеримент“, по текст и режија на Јане Спасиќ, а во продукција на здружението “Артопија” од Скопје, ќе се прикаже вечерва (27 април), со почеток од 21 часот, во киното “Фросина” при Младинскиот културен центар.

Главна инспирација за претставата е книгата “The Lucifer Effect” на социјалниот психолог Филип Зимбардо, кој во своето дело ги анализира начините и методите преку кои системот и ситуацијата влијае на дехуманизацијата и деиндивидуализацијата на индивидуата, притоа постепено насочувајќи ја индивидуата да извршува злосторства „во име“ на системот.

Во претставата играат: Бојан Кирковски, Ненад Митевски, Мартин Јорданоски, Симона Спировска Костовска, Матеја Јанковска, Марија Јанчевска, Михаел Стојановски. Сценографијата е на Кирил Василев, костимографијата на Бранкица Јорданоска, а монтажата на видеоматерјалите на Горјан Атанасов.