Театарот за деца и младинци вечерва испишува историја: „Убавицата и ѕверот“ ќе се игра по 350 пат

Вечерва, на 12 декември во 19 часот на сцената на Театарот за деца и младинци ќе се одигра претставата „Убавицата и ѕверот“ по 350-ти пат.

Премиерата била на 6 февруари 1998 година на истата сцена и ова е единствена претстава во Македонија во последните 73 години која доживеала најмногу изведби. До оваа бројка се и „Чобраџи Теодорс“ „Болва во уво“, „Соминително лице“, но ниту една нема 350 изведби. Досега над 40 илјади гледачи ја погледнале претставата.

Режисер е Димитар Христов, текстот е на Игор Бојовиќ, а го препеал Петре М. Андреевски. Музиката е на Славе Димитров, кореографијата е на Александар Хаџиманов, а костимите и сценографијата се на Александар Ношпал. Во претставата играат Ана Левајковиќ Бошков, Тања Кочовска, Предраг Павловски, Драган Довлев, Владимир Лазовски и Катерина Илиевска Силјановска. Во оригиналната постава биле Олгица Христова и прерано починатиот Игор Маџиров.

Јас и Предраг ги имаме одиграно сите 349 изведби досега во „Убавицата и ѕверот“. Многу сум среќна и горда што сум дел од оваа екипа. Се радувам што претставата опстојува веќе 20 години и што генерации деца пораснаа со оваа претстава – рече Тања Кочовска, која ја толкува улогата на Скакулка.

За професорката Јелена Лужина 350-та изведба на „Убавицата и ѕверот“ е нешто што не е обична претстава, туку подвижно културно наследство од највисок ранг по стандардите на УНЕСКО. Посебно интересно е што сиве овие години претставата се игра со исти костими и иста сценографија.

Ова не е случаен проект. Оваа претстава се играше на ова место првпат пред 20 години, а ТДМ го измислија Љубимир Чадиковски и неговата екипа. На ова место каде што сме денес постоел ресторанот „Вардар“. Чадиковски ја составува екипата, го покануваат докажаниот режисер Христов, постоа Славе Димиторв кој прави оригинална музика, го поканува Ношпал кој во тоа време има 25 години и штотуку се вратил од Париз да направи костими и сценогафија. Овие костими во кои глумците играат 20 години се кроени, шиени и чувани по највисоки стандарди на високата мода, јас би кажала пропишани од УНЕСКО – рече Лужина.

Костимографот Ношпал со „Убавицата и ѕверот“ слави јубилеј 20 години работи и по тој повод следната година планира изложба на сите негови костими и книга на која во моментов работи Лужина.

Чадиковски е мојот духовен татко, тој ми ја даде довербата пред 20 години. Не смееме да ја заборавиме и Љубица Велкова, која е долгогодишен кројач и гардеробер во ТДМ. Таа е врвен професионалец кој со голема љубов се грижи за сите костими во Театарот – рече Ношпал.