Театар Комедија одбележува десет години постоење

Националната установа Театар Комедија по повод одбележувањето десет години постоење, објави дека досега на нивната сцена се поставени 33 премиери, а претставите имаа 922 изведби. Оваа културна установа, како што информираше во соопштение, е една од најпосетувана, со вкупна бројка од 258.292 гледачи.

На Светскиот ден на театарот – 27 Март, Театар Комедија влегува во втората деценија од своето постоење. Токму во пресрет на Светскиот ден на театарот, во просториите на Театарот, на 25 и 26 март ќе биде изведена претставата „Клетвата на Скотје“ во режија на Синиша Евтимов.

– Првите десет години се најтешки, е мислење што често се слуша меѓу народот, а сѐ понатаму е песна. Да бидеме искрени – нас и овие десет години ни беа како песна. Затоа со огромна радост ќе го пречекаме 27 март 2022 година и на Светскиот ден на театарот ќе влеземе во втората деценија на Театар Комедија, соопштија од културната установа.

Театар Комедија е основан во ноември 2011 година, а официјалното отворање беше одбележано со премиерата на претставата „Ах, љубов моја“ во режија на Коле Ангеловски на Светскиот ден на театарот – 27 март 2012 година. Првите две години Театар Комедија ја реализираше својата програма на сцената на Драмски театар – Скопје, а потоа својот дом го најде во објектот Театар Центар.

– Главната претпоставка за формирањето на Театар Комедија беше и, сѐ уште, е да се овозможи поголема театарска понуда со постоење на жанровски определен театар во државата, со репертоар кој ќе има бројни праизведби од македонски автори, комедии од класиците на светската книжевност и современи комедии од светската драматургија, посочуваат од Театарот.

Оттаму дополнуваат дека како благодарница, на првиот режисер во Театар Комедија, Коле Ангеловски, едно од седиштата во публиката добива плочка со натпис – Коле Ангеловски, првиот режисер во Т. Комедија, 27.03.2012, „Ах, љубов моја“.

Од Театар Комедија потенцираат дека веќе се вброени и меѓу театарските куќи што ги отворија вратите за сите категории на граѓани, а исто така, за подобрување на условите за пристап и за непречено следење на претставите од страна на лицата со хендикеп беа реализирани и неколку проекти.

– Во тешки времиња најтешко е да се насмеат луѓето, да се извлечат од сивилото на реалноста и да се внесат во простор каде што на сите проблеми ќе гледаат со насмевка. Бројната и верна публика на Театар Комедија веќе знае каде и со кого да влезе во безбедната зона на радоста и уживањето во животот, посочуваат во соопштение.