Те сакам затоа што се сакам себеси...

Има речиси шест години кога првпат рекол дека сум благодарна што ме остави и дека тоа е најдобрата работа што ми се случила во животот. И сѐ уште го мислам тоа, не затоа што ни беше нешто ептен лошо или дека тој беше лош, туку затоа што во таа врска и во речиси секоја врска пред и после таа врска изгубив многу повеќе отколку што добив.

Да, љубовта не ни треба да биде вага на која се мери добиеното и вложеното, не треба да се калкулира и планира, но денешните врски во поголем дел и се сведуваат само на тоа. Темелот на кој ја градиме секоја врска во нашите животи не е добар и цврст, некогаш е трул, а ние ние не сме ни свесни за тоа.

Ние луѓето, освен тоа што често сакаме и да патиме (да, сакаме да патиме), сакаме да мислиме и дека нешто друго, нешто туѓо или нешто подалечно е многу подобро од она што го имаме. Секогаш нечиј друг автомобил е подобар од нашиот, нечија друга врска е подобра од нашата, нечија работа е подобра од нашата... Дури и нешто да е навистина подобро на некоја друга адреса, во нашата глава е подобро затоа што не знаеме што се случува на нашата адреса. Не знаеме што имаме сѐ додека не го изгубиме тоа и тоа е непобитен факт.

Сигурно во животот барем еднаш сте виделе, чуле или почувствувале (понекогаш и на своја кожа) нечиј „нов почеток“ кој се случил после раскинување, трагедија или болест. Зошто секогаш гледаме што имаме или сме имале откако ќе изгубиме нешто?  Затоа што фокусот секогаш ни е некаде таму далеку, наместо на самите себе. Влегуваме во врски и односи за да побегнеме од себе наместо да се делиме и множиме себеси со некој друг. Ја префрламе енергијата од себе на некој друг или на нешто друго. И тогаш живи зачудени се чудиме кога тоа ќе заврши и не знаеме како да почнеме од почеток.

Како да почнеш од почеток кога ни претходно не си бил сам со себе во љубов?

Се сеќавам дека по оној нервен слом, кој ме просветли, изгубив апсолутно сѐ. Не знаев да јадам, дишам, да ги правам повеќето работи кои претходно ги правев по автоматизам, едноставно не знаев што ми се случило. Мислев дека за сѐ е виновен тој и неговото раскинување со мене, но не беше така. Барем не целосно.

Јас бев виновна што воопшто толку се потпирав на некој друг човек и што толку многу вложив, а не добив ништо. Останав во минус, а требаше некако, без ничија помош, да стигнам до нула. И баш тој минус е истиот оној со кој живеат луѓето, а не се свесни, затоа што не го гледаат. Со тој невидлив минус влегуваат во нови врски, па и јас го правев тоа, а потоа се чудат кога ќе сфатат дека чувствуваат дека нешто не им е доволно, нешто не им е како што треба, а сѐ е навидум совршено.

Тоа се случува затоа што таа нова врска е само некој привремен кредит со кој го прикриваме душевниот минус, но кога ќе дојде време за наплата повторно сме во минус и тоа во поголем минус од претходно.

Кога ќе кажеме дека немаме среќа во љубовта, тоа е чиста вистина, но не во љубовта со и кон другите, туку во љубовта кон самите себе, затоа што оттаму почнува сѐ.

Се сеќавам дека јас го засакав своето тело дури откако замалку ќе го изгубев, кога веќе не изгледаше како моето тело и кога едвај чекав да го вратам она што претходно не го сакав. Бев будала и слепа и не знаев што имам. Истото ми се случи и со спиењето, со мирот, со мислите, пријателите и работните обврски... Каде исчезна сето тоа? Тоа не можеше да го одземе некој кој се предомислил па не ме сака повеќе. Тоа самата на себе си го одземав кога престанав да работам на тоа и кога комплетно се посветив на човек, а тој човек не бев јас.

Да се сакаш себеси не е себично, ниту болесно. Да се сакаш себеси е нужно за да можеме да сакаме некој или нешто друго.

Да, сигурно сакаме некои луѓе, а притоа не го сакаме фактот дека би промениле некои работи на себе. Ги сакаме, но би ги сакале посилно и поинаку кога би биле здраво исполнети. Кога не би биле во минус, ниту на нула, туку во плус. Кога врската не би била бегство од нашите сопствени незадоволени апетити од самите себе, туку спој на две исполнети личности кои така стануваат уште поубави и посилни и уште посакани.

Не станувате подобри личности заради некои други, туку заради себеси и затоа што сакате да имате свое време и моменти со себеси и потоа, со текот на времето, да ги споделите со некого.

Проблемот е што најчесто и двете страни се во минус и очекуваат другата страна да го закрпи тој минус. Тој однос од старт е осуден на пропаст, зборувам од искуство. Колку и да се сакаме, јас не можам да закрпам некој додека не се закрпам себеси и потоа да покријам туѓи дупки, но да си направам нови во мојот живот. И така во круг. Постојано. Тоа повеќе уморува од копање, а нема резултат.

Љубовта постои за да се умножува, а не да се уништува. Љубовта не е исклучива. Да сакаш некој друг не значи да не се сакаш себеси, туку да се сакаш себеси повеќе од кога било.

До следниот пат, заборавете на сите калкулатори и планери, само постоете и љубете. Сакајте се себеси.