Тажна вест: Почина легендарната суфлерка

По кратко боледување, на 91 година, во Скопје вчера почина госпоѓа Нада Прличкова, долгогодишната но и легендарната суфлерка на Македонскиот народен театар.

Суфлерите се дел од „невидливиот“ театарски ешалон, од онаа дискретна, заднинска и, во принцип, поданички верна армада „цивили“ без која театарот не функционира воопшто, било во целина, било во својот перформативен/уметнички сегмент. Природата на суфлерската работа е таква што  нив ги прави и буквално најтивки во сета „невидлива“  театарска армада на која и припаѓаат. Бидејќи, нели, суфлерите работат – шепотејќи. На актерите им се тие нешто како сенки: секогаш „допирливи“ во најкритичниот миг (кога умот ќе застане, та не им  текнува што треба да кажат или да сторат…), ама никогаш забележливи или, чувај боже, „наслушливи“ од гледалиштето, пишува Курир.

Првите професионални суфлери во 70-годишната историја на МНТ се  Нада Стојкова, подоцна Прличкова и Божидар Тодоровски. Доајените на МНТ секогаш кажувале дека и двајцата им биле повеќе од партнери. Ама Нада им била некако поблиска.

Илија Џувалековски велел дека, скриена зад кулисите, Нада буквално дишела со него, знаејќи што мисли но и знаејќи му го текстот подобро отколку што самиот го знаел. Личко честопати се подбивал со Петре Прличко, за кого Нада се омажила на 17 април 1960 година, велејќи оти нему му е лесно да биде кабадахија, на сцената и во животот, кога тоа постојано трчка околу него и внимава на сé. Внимавала цели 35 години, до самиот крај во ноември 1995, ама и отаде. Перица беше и остана вечниот лајтмотив на сите муабети.

Тивка, децентна, трпелива, безгранично одана, на сцената и во животот, госпоѓа Нада Прличкова векот си го поминала – шепотејќи.

Пред повеќе години, сета театрографска граѓа и сите меморабили собрани во домот на Прличкови  таа ги подарила на Музејот на МНТ.