Тажна скопска реалност: И пријдоа двајца „фраери“, едниот почна да вади 1000-ка, па 500-ка…жената ја подаде раката чекајќи…

Тажно е кога некој млад човек ќе посака да си поигра со чувствата на друг немоќен човек кој животот го довел во ситуација да питачи за да преживее.

За една ваква случка сведочи скопјанката Калина, ви го пренесуваме во целост нејзиниот Фејсбук статус:

На бетонски столб покрај студентскиот Гоце Делчев, сабајлево седеше жена. Потемнета во лицето од валканици, избраздена со брчки од немаштија.

На себе немаше јакна, туку неколку реда блузи врзани со врвка поради кои изгледаше надувано, а за кои сфаќаш дури кога ќе ги погледнеш неколкуте рабови во различна должина и бои. На нозете носеше чизми. Ама не вистински, туку од оние топлинки - чизми со рамни ѓонови кои ги носиме за по дома. Околу неа имаше неколку кеси - врзопи, во кои жената го беше збрала сиот својот живот и сиот свој имот. Џвакаше нешто што го држеше во раката, кога и пријдоа двајца „фраери“. Не смислено и плански, туку на поминување. Едниот од нив го извади новчаникот, почна да вади од парите, 1000-ка, па 500-ка, па 100-ка, па ... „Да не имаш ситно да ми вратиш?“, со одвратно кикотење ѝ се обрати на жената.

Вториот „фраер“ на тоа се згази од смеење... „А бе брат, ти си луд!“ му вика на другаров. „Фраериве“ инаку као нешто ја зезаа женава која збунета си ја повлече раката со загризана корка леб кога сфати дека овие со неа се мајтапат. Се засрами. Можеби и се исплаши од нив, си помисли да не ја задеваат дополнително. Па одмолча. Проголта се што почувствува во тој момент. И со наведната глава почна да буричка во една од кесите барајќи си некое заборавено парче од животот.

„Фраерите“, инаку дечишта тинејџери, се одалечија смеејќи се уште позаразно. Најверојатно горди на себе и на својата досетливост што им текнало на необичен и несекојдневен начин да се забавуваат. Најверојатно несвесни што направиле. Уште помалку свесни за тоа во какви луѓе ќе израснат. Тогаш, некој ден во иднина, кога ќе ви го збере сиот живот и сиот имот во само едно врзопче, ќе се сетите можеби на денешниот ден и ќе ја погледнете истата жена уште еднаш... со поинакви очи!