
И по 18 години сеќавањата за Тоше се живи. На денешен ден пред 18 години во кобна сообраќајна несреќа во Хрватска настрада најголемата музичка ѕвезда која Македонија ја имала - ангелот Тоше Проески.
Денеска, како и секоја претходна година, изминатите деценија и осум години, колегите, сорабтниците и бројните фанови во земјава и регионот, со посебни емоции се сеќаваат на Тоше, на неговата хуманост, на неговата музика, на неговата харизма...
Еве дел од емотивните пораки кои денеска ги споделија јавните личности во земјава:
- Го сликав Тоше пред првиот голем концерт во Белград. Дојдовме неколку дена порано со негови блиски пријатели и семејството, за да има проби. Знаев колку голем пејач е, ама млад, прв концерт во Сава Центар ... и јас имав трема, како ќе помине... А тој роден за на сцена, публиката пееше со него од првата песна! Срцето ми беше полно! Колку само радост и љубов ни донесе, моменти што се памтат цел живот... Во душава си ми засекогаш Тоше, напиша водителката Миланка Рашиќ.
- Тоше има само датум на раѓање и живее во сите наши срца, во сите спомени, стихови, ноти и песни.. Ангел што љубов на сите нѝ носи, споделија на својата фан страница „Дац и Александар“.
Актерот и шоумен Игор Џамбазов неодмана изјави дека одговорно тврди дека Тоше за Македонија направи повеќе од сите министри за надворешни работи од осамостојувањето досега. Вели Тоше не го сакаа само нашите соседи, туку цела Европа и Балкан, потенцирајќи дека сега се уште има огромни фан клубови во Хрватска и Словенија.