„Танец“ ја заокружи 2015 со одличен концерт (фото)

Во „Македонската опера и балет“, завчера Ансамблот за народни игри и песни на Македонија„Танец“, ја почести публиката со новогодишен концерт.

Со „Кумановка“, преку „Лазаренки“, „Ајдучко оро“, „Малешевка“, до изведбите на хорската група и инструменталната изведба на оркестарот, љубителите на фолклорот уживаа во умешноста на сите членови на овој национален ансамбл.

Како што тие не се штедеа на сцената, така и публиката не ги штедеше аплаузите.

Некаде пред крајот, на присутните им се обрати и директорот на ансамблот, Зоран Џорлев кој не го криеше задоволството што малата, но топла сала на МОБ беше преполна.

Концертот беше одличен, единствено нешто што можеби недостасуваше беше поздрав и добредојде на публиката на почетокот на концертот.

„За многу години Македонци“ е песната што членовите на „Танец“ ја испеаја заедно со публиката и на тој начин ја заокружија годинешната дружба.

Иако во вакви моменти може да се забележи колку всушност сме жедни за убава музика, наша музика, сепак постојат нешта што го намалуваат впечатокот. Концертната култура сè уште не ни е на задоволително ниво, и кога се аплаузите во прашање, а особено кога се мобилните телефони во прашање.

Во секој случај, присутните си заминаа задоволни, со насмевка на лице и полни впечатоци, за одличен завршеток на 2015 година.