Танчерите со Даун Синдром ни донесоа уште еден златен медал на Европското првенство во хип хоп

Танчерите со Даун Синдром од танцовото студио „Денсерс јунајтед МК“ на 18 мај во Римини, Италија освоија уште еден златен медал на Европското првенство во хип хоп.

Овој медал на танчерите со Даунов синдром им е 5-ти надвор од земјата на светски или европски првенства, а во Македонија се државни прваци од 2015. Со овие резултати „Денсерс јунајтед“ е најтрофеен клуб со медали од европски и светски првенства.

-Среќата која се доживува кога се слуша нашата химна додека ги вееме знамињата не се опишува. Овие достигнувања се признание на трудот и упорноста на ‘Денсерс јунајтед’, кои веќе 6. година успешно работат на инклузија на овие лица и можностите на лицата со попреченост. Со ова, нашето танцово студио е најтрофеен клуб со највисоки европски и светски медали, вели Сара Кочан од „Денсерс јунајтед“ и еден од тренерите на танчерите.

Групата минатата година ги освоија титулите европски и светски шампиони.

-Латино јуниорската група со типичен развој во март годинава на Европското првенство во Москва се искачија на второ место во категорија Латин шоу и на второ место модерен балет соло девојки постари младинци. Приказната продолжува , целта е да што повеќе луѓе слушнат за нашите шампиони и што повеќе луѓе ни се приклучат во идејата на нашиот општествено одговорен инклузивен танцов клуб, заклучува Кочан.