Талески: Не го слушавме Раул и се случи дебакл!

Тешко се наоѓаа зборови по крајот на мечот против Шпанија, кој ракометните репрезентативци на Македонија убедливо го загубија на стартот од втората фаза на ЕП во Вараждин.

Филип Талески беше максимално реален по средбата, потенцирајќи дека главна причина за поразот беше фактот што не го одиграле тоа што селекторот Раул го очекувал од нив.

„Уште еднаш се виде дека Кирил Лазаров е исклучително значаен за нашиот тим, па неговото отсуство беше огромен хендикеп. Лошиот старт на мечот се покажа како клучен. Постојано ја бркавме негативата, во која се најдовме поради големиот број продадени топки во првото полувреме. Потоа сѐ беше формалност. Не бевме ниту блиску до најдоброто, а не одигравме ниту тактички онака како што од нас бараше селекторот Раул. Сега ни остануваат уште две средби, против Чешка и Данска, шансата е тука, но мора да победиме на двете. Ќе биде тешко, бидејќи ги играме во два дена, но нема предавање. Одиме до крај“, изјави Талески.