Талентот е добар, праксата е подобра, но страста е најдобра: Сестрите Сара и Јана од хоби создадоа мал бизнис

Сестрите Сара и Јана Костадиновски од Скопје заедно работат на создавање на уметнички дела, а нивната страст кон уметноста им помогнала да го создадат својот мал бизнис „The Painting Duo“.

Сара има 23 години и работи во сектор финансии во странска компанија во Скопје, додека Јана е 17-годишна средношколка во трета година во скопска гимназија, која во своето слободно време работи хонорарно, но работи и на нивниот мал бизнис.

Тие во интервју за „Скопје Инфо“ раскажуваат колку време се занимаваат со уметност и како се родила нивната идеја за создавање на „The Painting Duo“.

Колку време се занимавате со уметност и од каде добивате инспирација за создавање на вашите уметнички дела?

- Со уметност се занимавам од секогаш, па така нема конкретен момент кога се роди љубовта кон уметноста бидејќи некако од секогаш ми била дел од животот. Низ мојот пат на запознавање со уметноста експериментирав со различни техники и материјали, при што последен интерес ми е сликањето платна и со тоа се занимавам изминатите две години. Некогаш знам да се навратам на некој претходен стил на цртање како „digital art“ или цртање модни илустрации лично за мое задоволство, така што уметноста ми е дел од секојдневието, само во различна форма. Инспирација наоѓам во  секојдневнието и „Pinterest“ најмногу, вели Сара.

- Почнав со сликање покрај сестра ми, малку посериозно работиме последните две години, пред тоа повеќе беше цртање лично за нас, открива Јана.

Постои ли интерес кај македонскиот народ за уметнички слики? Како и кога се роди идејата вашето хоби да го претворите во мал бизнис?

- Би рекла дека постои интерес за слики, посебно за портрети (нешто што често се бара) како и апстрактни слики. Нашиот „мал бизнис“ почна спонтано, сликите што ги цртавме почнавме да ги објавуваме на социјалните мрежи при што добивавме позитивни коментари од блиските, па некако спонтано добивавме и барања за слика најчесто за некој повод како подарок. Тоа беше моментот кога сфативме дека нашето хоби може да е профитабилно, па така почнавме со почеста работа и слики кои ги споделуваме на социјалните мрежи инстраграм и фејсбук. Блиските ни беа и први подржувачи на нашата работа.

Која слика што досега сте ја изработиле ви била најголем предизвик? Со какви материјали работите најчесто?

-Најголем предизвик до сега е изработка на едно поголема апстракција на платно. Специфично за оваа слика беше краткиот рок за работа и техниката која е уникатна и слободна при што крајниот резултат е неизвесен до пред самиот крај. Тоа е слободна техника каде се создаваат уникатни парчиња и иста слика не може да се повтори два пати. На крајот трудот се исплатеше бидејќи таа слика се вклопи совршено во просторот каде беше предвидена.

- Примарно работиме со акрилни бои, но некогаш во зависност од сликата која ја работиме комбинираме различни материјални, пастелни или водени бои а некогаш користиме фломастери, техника туш и слично. Важно е да бидат квалитетни бои за да резултатот е задоволувачки. Други неопходни материјали се платна и четки/шпатули за сликање.

Може ли во Македонија да се живее пристојно со продавање на уметнички дела?

- Би рекла дека дефинитинво да. Ако станува збор за професионално сликање кога тоа е и примарна професија тогаш сигурно дека да. Во нашата ситуација сликањето ни е втора работа која ја балансираме во слободно време од редновните обврски.

Кои се вашите планови во иднина? Дали можеби планирате поголеми изложби на вашите уметнички дела?

- Во овој момент од нашата работа мислам дека сме малку далеку од изложба во вистинска смисла на зборот. За такво нешто треба посериозно да поработиме на нашето портфолио пред да се осмелиме за организација на таков настан. Моментално работиме нарачки кои ги добиваме на нашите профили на социјалните мрежи, а послободното време го користиме за цртање нешто за лично задоволство што останува за нас. Засега размислуваме за настап на мали базари во склоп на некои организации или поп-ап изложби во некои локали.

Која е вашата мотивациска порака до читателите?

- „Талентот е добар, праксата е подобра, но страста е најдобра“. Најдете ја страста која ќе ве води низ животот.