Такси-станица наместо продавачи на цвеќе зад поликлиниката „Бит Пазар“

На булеварот „Крсте Мисирков“, зад поликлиниката „Бит Пазар“, почна дислоцирањето на трговците кои продаваат цвеќиња, соопшти денеска портпаролот на Општина Чаир Куштрим Ала.

Целта е еднаш засекогаш да се иницира решение за хаосот кој се предизвикува на овој булевар.

- Со ослободување на просторот каде порано се одвиваше трговската дејност, се создаваат потребните технички предиспозиции за изградба на нова такси-станица. Што се однесува до одредената локација, ова е само привремено решение кое ќе важи до изградбата на новиот пазар со просторен капацитет за квалитетно извршување на трговската дејност, рече Ала.

На спомнатата локација, додаде, е инсталирано јавно осветлување и се преземени мерки за создавање оптимални услови за работа.

-  Ќе ги информираме граѓаните за новата локација на трговците со цел процесот на купопродажба да се одвива нормално без никакви пречки и застој, напомена портпаролот.