Такси превозот во Скопје пред колапс - диви таксисти, големи давачки, лоши услови за работа

Такси превозот во Скопје е пред колапс, велат од здруженијата на авто-такси превозници на Скопје. Голем број диви таксисти, лоши услови за работа, големите давачки и појавата на нови компании, кои исто така сега пропаѓаат, доведе до тоа голем број таксисти да престанат да работат, велат такси здруженијата, прнесува СДК

Во Скопје досега се издадени 2.400 лиценци за такси превозници, но попладне, а особено навечер не може да се најде слободна кола.

„Граѓаните се мачат да најдат возило оти намален е бројот на таксисти, многу од таксистите се откажуваат. Такси превозот е дојден до колапс. Плаќаме висок персонален данок и други давачки и за нас останува многу малку, па не се исплати да возиш. Проблем настана и кога пред неколку години се појавија големите такси компании, нè истребија. Но и тие сега имаат проблем, бидејќи сè повеќе таксисти и кај нив даваат отказ оти не се исплати да возат цел ден, буквално за смешни пари. Ниту оваа ниту минатата влада немаат слух за нас. Направени беа промени, но не дадоа ефекти. Ни ги ишаараа возилата како новогодишни елки, а суштински промени нема. Не можеме да опстанеме“, Марјан Спасовски, од Синдикатот на авто-такси превозници на град Скопје.

Поради големиот број откази, сега се намалени и стандардите. Граѓаните се жалат на валкани и стари возила, таксисти кои пушат додека возат патници.

„Има многу голема нелојална конкуренција. Колегите не излегуваат навечер оти има многу диви таксисти. Не се зачленуваат во такси компании, возат на диво. Нема инспекции за диви таксисти. Сите молчат. Се плашиме дека ако вака се продолжи ќе дојде до дерегулација на таски-превозот. Последниве три години е вака, бараме средби со Град Скопје, но никој не ни одговара“, вели Сашо Рајчановски од групација на авто-такси превозници на град Скопје.

Од Град Скопје велат дека изминатиов период имале состаноци со здруженијата на такси-превозници и дека нивните барања се однесуваат на тоа да не плаќаат даноци и придонеси, но тоа е регулирано од Министерството за внатрешни и работи и Министерство за финансии.