Такси (не) култура низ скопските улици

Денес нема човек што не користи такси превоз. Некои од нас повремено, некои почесто, меѓутоа кога живееме во голем град тоа е неминовно. Што е тоа што претставува проблем? Односот, секако, што друго. Истото тоа што е проблем и на многу други места каде што е вклучена интеракција меѓу луѓето.

Ситуација број 1 – Твојот и неговиот живот

Пред некој ден влегувам во такси и возачот ми вели „До каде“? Јас му ја кажувам дестинацијата и тргнуваме. Мене ми е еден од оние денови кога не ми се разговара премногу, кога сакам да си молчам и да се задлабочам во сопствените мисли. Ама не, возачот има друг план. Решава да зборуваме за неговото семејство, поточно неговите деца кои иако се исклучително паметни и талаентирани не можат а најдат работа по струка – а тоа е директор во приватна фирма. Затоа, по негов совет тие ќе седат дома додека тој работи по 12 часа за да ги „одгледа“. Немам ништо против туѓите амбиции, но имам против тоа кога некој ќе го узурпира моето време. Разговорот понатаму продолжува со прашања за мојот живот, за тоа каде работам со кого и колку сум платена – молам?! И така, стигнуваме до дестинацијата, плаќам и излегувам. Додека се движам се уште сум во неверување за прашањата кои што ми беа поставени, а што е најтрагично од сè – мојот обид да ги одговорам.

Ситуација број 2 – Такси возачот нема ситно

Колку пати ви се случило да влезете во возилото, да стигнете каде што треба и во моментот на плаќање да ви рече дека нема ситно, па ако можеш да претрчаш до првата продавничка да раситниш? Еднаш ќе „претрчаш“, вторпат ќе „претрчаш“ и третиот пат ти доаѓа преку глава. Да, не може секогаш да има ситно со себе, ама за време на паузите, додека чека на такси станицата, зар не е возможно да излезе од возилото и да раситни знаејќи дека ќе му требаат пари?

Ситуација број 3 – Кога ќе ти ја „погоди“ музиката

Негов автомобил, негови правила, негова музика. Ама да се разбереме, не сме должни да слушаме како ечи турбофолк во тие макар и 10 минути додека се возиме. Ова не е музика за сечии уши. Седнувам пред некоја година во такси и бидејќи не можев да ја издржам музиката од која и онака се ежам, замолив само да поднамали… ете, не мора дури ни да ја исклучува. Со коментар дека ќе слуша што сака и колку гласно сака, го попушти звукот на радиото. Дали излегов од автомобилот на првиот семафор? Секако!

Ситуација број 4 – Таксистот решил да се „развесели“

Ви се случило ли да ве вози пијан таксист? И мене! Зборовите не му излегуваат од уста туку слушате некакво мумлање, ве врти од некоја сосема погрешна уличка до крајната дестинација, кочи нагло, вози брзо и најлошо од се, мислите дека и вие ќе се опијаните затоа што автомобилот мириса на алкохол. Му велите да запре за да излезете, а тој како да не ве слуша. Не стигнал до адресата што сте му ја дале, па продолжува да вози. Тој „мојот“ помина дури и на црвено. Среќа што беше 2 часот наутро и имаше многу малку автомобили на улиците, инаку мислам дека немаше да стигнам дома во еден дел.
Секоја чест на исклучоците, не се сите лоши… Некои таксисти се пример за пристојност, коректност, ќе ве остават сами со своите мисли, ќе ви речат „здраво“ и „чао“, ќе се возите во автомобил со пријатен мирис и тивка, ненаметлива музика… Ах, кога сите би биле такви…