„Така зборуваше Гертруда“ ја отвора сезоната во Драмски

Со премиера на театарската претстава „Така зборуваше Гертруда“, ќе започне новата сезона во Драмски театар - Скопје. 

Премиерата е закажана за вечерва, петок (30.09.2022), во 20 часот, а репризи се планирани и за сабота, на 1.октомври, четврток, 27.октомври, петок 28.октомври и сабота 29.октомври. 

 Претставата е поставена по текстот на младата Миа Николоска во режија на Ангелчо Илиевски. Сценограф на претставата е Валентин Светозарев, костимографијата е на Марија Пупучевска, а композитор на музиката е Дарија Андовска.

– Ако театарот треба да биде будното око на општеството и да ги детектира општествените аномалии, тогаш верувам дека со претставата „Така зборуваше Гертруда“ успеавме прецизно да ја исполниме таа задача. Не само поради фактот што ова е нов драмски текст кој ја има својата праизведба на театарската сцена, туку и поради неговата длабока суштина, начинот и јазикот на кој се отвора најпроблематичната и болна тема во нашето општество – правда. Претставата доследно ја следи темата на текстот и прави хируршки прецизен рез на општествениот систем, ги детектира проблемите кои го разнишуваат тој систем, ги нагласува заборавените и изгубени вредности, го коментира трулиот правосуден систем, го потенцира лицемерието и ги отсликува малите луѓе кои не сфаќајќи ја својата вредност се мета на манипулација и искористување.

Оваа проблематика јасно се исцртува преку судскиот спор, кој се води против Гертруда, централниот лик во претставата. Гертруда целиот свој живот ја трпи неправдата која ѝ се нанесува преку убивањето на нејзините деца. Свесна за последиците, таа решава на ист суров начин да го прекине тој ланец, верувајќи дека тоа е единствениот начин да биде разбрана. Затоа пред нејзината егзекуција кажува: „Зарем морав да убијам за да се освестите дека убивањето е страшно.“ - стои во описот на претставата.

Во улогата на централниот лик Гертруда игра актерката Соња Стамболџиоска, а во другите улоги играат актери од повеќе различни генерации, како Григор Јовановски, Стефан Вујисиќ, Трајанка Илиева Вељиќ, Дамјан Цветановски, Рубенс Муратовски, Александар Степанулески, Ана Димитрова, Анастас Тановски, Емилија Мицевска Трајковиќ, Ведран Чешарек и Виктор Мирчески.