Таа си замина без лутина, а јас и натаму ја чекам...

Јас, кој безброј пати во исто толку пијани ноќи водев бескрајни дискусии и безброј пати говорев кога сите други молчеа, секогаш раскажував празни приказни додека никој не ме слушаше. Јас тоа попладне молчев и со празен поглед ја гледав силуетата на расплаканата жена која бараше само една работа: „Кажи ми што било.“

А навистина ја сакав, можеби и детски, наивно. Можеби повеќе како некој кој ѝ го украде првиот бакнеж, отколку како некој кој сакаше да ѝ украде прекрасни години кои беа пред неа.

Јас молчев, човекот кој скрати милион бакнежи само за да ѝ каже нешто на оној наш прекрасен мост.

Во нејзините мисли, љубовта сѐ уште го имаше оној филмски жар, онаа мелодрама која ја пронаоѓаше во руските романи и соништата кои може да ги сонува само девојка со бескрајно длабоки очи.

Во моите очи имаше страв, копнеж, неизвесност и очај. И баш тој ден, таа не можеше во мојот поглед да го препознае она за коешто копнееше во своите младешки денови.

Да, навистина ја сакав, бескрајно ја сакав, многу повеќе од оние стихови кои ѝ ги посветив тогаш еднаш, пред многу години, повеќе од секоја прегратка, бакнеж и порака за добра ноќ.

Но, таа не беше адресата на моите стравови и тајни. Таа беше бескрајно нежно суштество кое само што зачекоруваше на патеката на животот. Таа беше идеалот кој беспомошно ќе го барам уште многу, многу години. Идеал кој бесконечно ќе го барам, како излез од лавиринтот во кој своеволно влегов, оставајќи ја без одговор баш тогаш, единствениот пат во мојот живот кога требаше да зборувам.

Таа не бараше некои големи зборови, ниту пак верувања, бараше ситница за да може да се фати за неа и да го обои животот во некои други бои.

Таа не бараше чуда, но се чудеше кога, долго по заминување од нашиот мост, гледав во нејзиниот правец, знаејќи дека ѝ го приредив првото разочарување во животот и дека тој мост, за мене и неа, никогаш повеќе нема да биде ист.

Таа си замина да бара некои посмислени, потопли погледи. Си замина без лутина, а јас и натаму ја чекам за, заедно со планинските ветрови кои го носат првиот снег, да се појави и таа, како некогаш, со снегулки во косата и истото прашање.

Сега би знаел што да и одговорам.