СЗО започнува програма за дистрибуција на вакцини за борба против мајмунски сипаници

Светската здравствена организација (СЗО) денеска соопшти дека започнува нов механизам за дистрибуција на вакцини за да се запре ширењето на мајмунските сипаници во 30 земји надвор од Африка.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус изјави дека организацијата работи на иницијатива за „фер пристап“ до вакцини и лекови за мајмунски сипаници.

Механизмот беше предложен веднаш откако Велика Британија, Канада, Франција, Германија, САД и други земји пријавија стотици случаи на вирусот на мајмунски сипаници минатиот месец.

Се смета дека вакцините против големи сипаници, кои се предизвикани од сличен вирус, обезбедуваат ефикасна заштита од мајмунски сипаници во 85 проценти од случаите.

Директорот на СЗО за Европа Ханс Клуге денеска изјави дека е загрижен поради потезите на некои богати земји да купат повеќе вакцини без да се консултираат со африканските земји.

Клуге ги повика државите „да им пристапат на мајмунските сипаници без да ги повторат грешките од времето на пандемијата на коронавирусот“.

Тој не ја исклучи можноста богатите земји да примат вакцини преку механизмот на СЗО.

Клуге рече дека програмата е наменета за сите земји и оти вакцините ќе се дистрибуираат во согласност со нивните епидемиолошки потреби.

– Европа останува епицентарот на инфекцијата, со 1.500 случаи во 25 земји, што е 85 отсто од сите случаи во светот, рече Клуге.

Некои африкански експерти прашуваат зошто СЗО досега не предложила вакцините да се користат во Централна и Западна Африка, каде што мајмуните сипаници се ендемични.

– Местото каде што треба да се почна каква било вакцинација е Африка и никаде на друго место, рече Ахмед Огвел, директор на Африканскиот центар за превенција и контрола на болести.

Тој рече дека недостигот на вакцини за борба против мајмунските сипаници во Африка е поголем проблем од групата случаи на претежно благи форми на болеста во богатите земји.

– Ова е продолжение на нееднаквостите што ги видовме за време на пандемијата на Ковид. Од 2017 година, имавме стотици случаи на мајмунски сипаници во Нигерија и самите се справивме со нив. Никој не спомна кога вакцините би можеле да бидат достапни во Африка, рече Ифеанџи Нсофор, директор на организацијата Нигерија хелт воч (Nigeria Health Watch).